ОН ги осудија санкциите на САД против известувачката за палестинските територии
- Дужарик нагласи и потребата од правење јасна разлика меѓу легитимна политичка критика кон израелската Влада и антисемитизам.
Њујорк, 11 јули 2025 (МИА) – Обединетите нации ги оценија како „неприфатливи“ санкциите што ги воведе американската администрација на Доналд Трамп против специјалната известувачка на ОН за палестинските територии Франческа Албанезе, поради нејзините критики кон Израел.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш – Стефан Дужарик, изјави во Њујорк дека овие санкции претставуваат „опасен преседан“.
– Земјите-членки имаат право да не се согласуваат со извештаите на независни експерти, но несогласувањата треба да се решаваат внатре во ОН, а не преку еднострани санкции, рече Дужарик на редовната прес-конференција.
Тој потенцираше дека италијанската правничка Албанезе е назначена од Советот за човекови права на ОН во Женева и дека генералниот секретар нема надлежност да влијае врз нејзината работа.
Дужарик нагласи и потребата од правење јасна разлика меѓу легитимна политичка критика кон израелската Влада и антисемитизам.
Американската администрација претходно обвини дека Албанезе е пристрасна и антисемитски настроена, наведувајќи дека комуницирала со Меѓународниот кривичен суд за да охрабри истраги или апсења на американски и израелски државјани, без да ги информира двете страни. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека таа е „неподобна“ за функцијата. ссм/
фото: архива