• понеделник, 23 декември 2024

ОН ги осудија нападите на цивили во Нагорно Карабах

ОН ги осудија нападите на цивили во Нагорно Карабах
Њујорк, 19 октомври 2020 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги осуди нападите врз цивилното население, додека Азербејџан и Ерменија се обвинуваат за кршење на новиот прекин на огнот. Гутереш ги осуди „сите напади врз населените места погодени од конфликтот“. - Трагичната смрт на цивилите, особено на децата, во последниот напад на 16 октомври во градот Гања е целосно неприфатлива, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дизжрик. Генералниот секретар на ОН исто така изрази „длабоко жалење“ што двете страни во конфликтот ги „игнорираа“ повторените апели на меѓународната заедница за итен прекин на огнот. Вкупно 13 цивили, вклучително и деца, беа убиени во бомбардирањето на градот Гања, вториот по големина град во Азербејџан, ноќта меѓу петокот и саботата. Во нападот беа повредени околу 50 лица. Бомбардирањето на градот Гања се случи една недела по првиот обид за воведување примирје под покровителство на Русија. Ерменија и Азербејџан потоа постигнаа договор за нов прекин на огнот, кој стапи на сила во саботата на полноќ, но и двете земји продолжуваат да се обвинуваат за кршење на договорот. Нагорно Карабах е ерменска енклава во Азербејџан и од војната во првата половина на 90-тите години, владата во Баку нема контрола врз таа територија. Неколку стотици луѓе беа убиени во конфликтот, кој започна кон крајот на септември. паг/        

Остани поврзан