• сабота, 16 ноември 2024

ОН: Во Појасот Газа има околу 50.000 бремени жени

ОН: Во Појасот Газа има околу 50.000 бремени жени

Њујорк, 24 декември 2023 (МИА) - Според пресметките на ОН, има околу 50.000 бремени жени во Појасот Газа кој е под опсада на израелската армија, јави ДПА.

Повеќе од 180 деца се раѓаат секој ден во палестинската енклава, соопшти денеска Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Лекарите и акушерите даваат се од себе за да обезбедат грижа за новородените бебиња и бремените жени со висок ризик во седумте преостанати оперативни здравствени центри на агенцијата на ОН. На почетокот на војната на 7 октомври имаше 22 здравствени домови во Газа.

Со секој изминат ден, условите за цивилите на окупираната територија стануваат се потешки, резервите на хуманитарна помош се екстремно ограничени, а луѓето се принудени да кампуваат во импровизирани шатори на отворено. Временските услови се влошуваат, а Израел продолжува со напади, забележува ДПА.

Според ОН, повеќе од 1,9 милиони луѓе во Појасот Газа, што изнесува околу 85 отсто од неговото население, веќе се внатрешно раселени. Многумина се засолнети во преполните објекти на ОН.

„Уништувањето на здравствениот систем во Газа е трагедија“, изјави претходно денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус. „Но, гледаме дека лекарите, медицинските сестри, возачите на брзата помош и другите продолжуваат да се трудат да спасат животи во услови на постојана неизвесност и прилив на повредени пациенти“, додаде тој и повторно повика на прекин на огнот. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан