• недела, 22 декември 2024

ОМД - Ковачевски: Северна Македонија да се најде на листата на САД за безвизен режим

ОМД - Ковачевски: Северна Македонија да се најде на листата на САД за безвизен режим

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - ОМД на вчерашната средба со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, која се одржа во Амбасадата во Вашингтон, побара дигитализација на сите услуги кои и се достапни на дијаспората преку дипломатско-конзуларните претставништва, посебно во врска со издавање или обновување на биометриски лични документи, известуваат од ОМД.

Нашите иселеници го поздравиле стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД. Оттаму истакнуваат дека активно се залагаат за потпишување на договор помеѓу Северна Македонија и САД против двојно оданочување, како и за тоа нашата држава да стане дел од листата на земји со безвизен режим.

- ОМД изрази благодарност за отворената врата на амбасадорот Зоран Попов, како и премиерот Димитар Ковачевски за отворениот дијалог и ќе продолжи со своите напори во зголемување на поддршката за Македонија во Конгресот на САД преку Групата за Пријателство со Македонија и македонско-американската заедница во која членуваат, посочуваат од ОМД.

Оттаму соопштуваат дека со премиерот Ковачевски имале отворена дискусија околу унапредување на односите со иселениците. 

- Водечката невладина непартиска организација на Македонците во дијаспората - ОМД ги потврди и изрази своите долгогодишни ставови против промената на името како и било какви уставни измени како услов за почетокот за преговорите за членство во Европската Унија и последиците кои доаѓаат со тие промени. ОМД посочи дека во Македонија малцинствата ги уживаат сите демократски права, и дека во ниедна друга држава во Европа нема толку министерски позиции застапени од страната на малцинствата. ОМД посочи дека правата на Македонците во соседните земји се тотално обесправени, истакнуваат од ОМД. ир/ац/

Фото: ОМД

Остани поврзан