• понеделник, 23 декември 2024

Олга Панкина лауреат на „Степска липа“: Хуманата мисија што се врши преку уметноста е непроценлива

Олга Панкина лауреат на „Степска липа“: Хуманата мисија што се врши преку уметноста е непроценлива
Скопје, 20 септември 2022 (МИА) - Олга Панкина, поетеса и преведувачка, претседател на невладината организациjа „Македонски културен центар во Москва“, како претставник на Северна Македонија е лауреат на 6-от Меѓународен фестивал на уметностите „Степска лира“, кој деновиве се одржа  во станицата Новопокровска во Краснодарскиот крај, во Русија. Новопокровска годинава го слави својот јубилеј – 195 години од основањето, а досега на овој фестивал учествувале претставници од 17 држави. Годинава пристигнаа гости од 10 земји, а сите се застапени во литературно-уметничкото списание „Степска лира“. Учесниците посетиjа над 30 културни и образовни установи во станицата и околината. Панкина како лауреат на фестивалот доби Диплома за значаен творечки придонес во современата уметност, во развојот на меѓународната соработка и културните врски меѓу народите, за приврзаноста на хуманистичките традиции. - Своја мисија гледам во популаризациjата на македонската литература и култура на руското јазично подрачје. Задоволна сум што на фестивалот имав можност да претставам како свои песни напишани на руски и на македонски, така и, што за мене е многу важно, литературното творештво на голем број врвни македонски писатели – класици, почнувајќи од Блаже Конески, и современи, млади автори. Под мото „Читај ја Македонија!“ настапив во домови за култура, центри за творештво на деца и млади, низа библиотеки и училишта. Ме израдува што на тие средби луѓето покажаа искрен и голем интерес за Македонија, за нејзината литература. Им подарив многу македонски книги, вели Панкина за своите впечатоци од фестивалот. Таа посочува дека многу успешно ги преставила и делата на македонските романсиери. Тоа се 28 книги што ги има преведено од македонси на руски јазик. Станува збор за едициите: „Македонскиот роман на 21 век“ (шест книги) и „Сто словенски романи“ (пет книги) чии автори се Ермис Лафазановски, Луан Старова, Томислав Османли, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Блаже Миневски, Оливера Николова, Гоце Смилевски, како и за посебни книги од автори како што е класикот Петре М.Андреевски, Драгица Најческа, претставена како автор на романот за деца, Лилјана Пандева и помладите Давор Стојановски и Ксенија Николова. -Како и секогаш беше добродојдена и македонската поезија. Публиката буквално им се восхитуваше на песните на Блаже Конески, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ и многу други. Среќна сум што луѓето во станиците што ги посетивме, во Краснодарскиот крај оддалечена 1200 километри од Москва и 2000 километри од Скопје се запознаа со македонската книжевност како составен дел на македонската култура. Хуманата мисија што се врши преку уметноста е непроценлива, нагласува Панкина. вг/лв/  

Остани поврзан