• сабота, 23 ноември 2024

Октоподите се самоуништуваат по парењето поради хормонална нерамнотежа

Октоподите се самоуништуваат по парењето поради хормонална нерамнотежа
Чикаго, 13 мај 2022 (МИА) - Природата предодредила октоподите да остануваат „сираци“ уште од раѓањето. Откако женката октопод ќе ги положи јајцата, престанува да јаде и почнува да се повредува себеси со гризење на кожата и на врвовите на пипалата. Кога младите октоподи излегуваат од јајцето, нивната мајка е веќе мртва. Неколку месеци подоцна, и татко им угинува... Во 1944 година, истражувачите дошле до претпоставки дека парењето некако „го вклучува копчето“ за самоуништување кај овие морски суштества. По речиси 80 години, но оваа нејасна хипотеза конечно се дообликува. Истражувачите неодамна открија дека, најверојатно, парењето менува неколку критични хормонски и биохемиски процеси засновани на холестеролот кај женските октоподи, пишува „Сајенс алерт“. Молекуларниот биолог З. Јанг Ванг од Универзитетот на Чикаго, во САД, ги спровела овие истражувања. - Знаеме дека холестеролот е важен од гледна точка на исхраната, а исто така и во различни врски за сигнализација во телото. Тој е вклучен во сѐ, од флексибилноста на клеточните мембрани до лачењето хормони на стресот, но беше големо изненадување да се види дека тој игра улога и во овој процес на животниот циклус, истакна д-р Ванг. Кај луѓето, некои прекурзори на холестерол се токсични при повисоки нивоа. Затоа, генетските нарушувања коишто го забрзуваат метаболизмот на холестеролот може да доведат до сериозни проблеми во развојот и во однесувањето, вклучително и повторливо самоповредување и нарушувања во исхраната. Потешките случаи и кај човекот водат до автоагресија. Слични појави има и кај октоподите. После подолго време се стигна до овие претпоставки, а тоа најмногу се должи на мал орган којшто се наоѓа кај октоподите и лигњите. Во 1977 година, истражувачите открија дека очна жлезда игра улога во оваа „програмирана смрт“ на октоподот. Овој орган е сличен на хипофизата кај луѓето. Се наоѓа меѓу очите на октоподите и е поврзан со сексуалниот развој и стареењето кај нив. Кога женскиот октопод ќе ја загуби таа рамнотежа во телото, суштеството живее уште неколку месеци откако ќе ги положи своите јајца. Во 2018 година, научниците го искористија ова сознание и ја секвенционираа РНК-та на две очни жлезди на две женки октоподи во различни фази на опаѓањето. Како што се приближува смртта на октоподот, стручњаците забележуваат повисоки нивоа на активност во неколку гени кои ги контролираат половите хормони, оние за инсулин, како и метаболизмот на холестеролот. Неколку години подоцна, истражувачите директно ги анализираа молекулите што ги ослободува овој орган и кај спарените и кај неспарените женки. Испадна дека по парењето, очната жлезда лачи повеќе такви хормони, и природни прекурзори на холестерол. Сите три молекули на крајот може да придонесат за сигналните врски коишто предизвикуваат смрт. Или пак, можеби само акумулацијата на овие молекули во телото на октоподот е смртоносна - како кај луѓето. - Она што е впечатливо е дека октоподите минуваат низ оваа прогресија како резултат на промени коишто изгледаат како „да полудуваат“ непосредно пред да угинат... Можеби се работи за два процеса, или три, четири... Сега имаме најмалку три навидум независни патишта до стероидните хормони кои би можеле да ги објаснат многуте последици што се случуваат кај овие животни, вели неврологот Клифтон Рагсдејл од истиот Универзитет. Следно, д-р Ванг и нејзините колеги се надеваат дека ќе погледнат натаму низ овој процес за да се види и кои други молекули се вклучени во оваа чудна смрт кај октоподите.  си/ми/

Остани поврзан