• понеделник, 23 декември 2024

Околу четири до пет илјади хектари изгореле во пожарот на грчкиот полуостров Пелопонез

Околу четири до пет илјади хектари изгореле во пожарот на грчкиот полуостров Пелопонез

Атина, 1 октомври 2024 (МИА) – Меѓу 4.000 и 5.000 хектари, според министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас е изгорената површина во пожарот што веќе трет ден е активен во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешната вонредна прес-конференција Кикиљас информираше дека се соочуваат „со многу тешка ситуација“ со оглед на релјефот на регионот, односно како што објасни, области со многу големи клисури, многу високи планински врвови и планини каде што е тешко да се пристапи.

-Ситуацијата е сериозна и е критична бидејќи на целата површина од 5.000 хектари треба да се види дали пожарот може да се контролира метар по метар. Зошто? Затоа што кога има влажност во текот на ноќта, во некои моменти достигнува 60 – 67 отсто се смирува и потоа во текот на денот се појавуваат разгорувања и проблеми, истакна Кикиљас.

За почетокот на пожарот посочи дека е нешто што ги загрижува пожарникарите и се врши истрага за да се откријат причините, а не ја исклучи можност и зад овој пожар да е човечки фактор.

Нагласи дека во гаснењето интервенираат над 406 пожарникари со 16 пешадиски тима, 123 возила, а на располагање се 22 воздушни средства од кои 13 хеликоптери, осум авиони, а едно средство набљудува.

Преку европскиот механизам за цивилна заштита во Грција ќе пристигнат и три Канадери, два од Италија и еден од Хрватска.

Пожарот избувна во неделата во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а превентивно во изминатите денови беа евакуирани низа населени места.

Во пожарот вчера животот го загубија две лица, двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, во обид да му помогнат на пријател, додека пак според грчките медиуми, повредени се и двајца пожарникари. ср/

Остани поврзан