• петок, 22 ноември 2024

Означен стартот на 37- Охридски пливачки маратон

Означен стартот на 37- Охридски пливачки маратон

Охрид, 31 август 2024 (МИА) – Сите 19 пријавени пливачи точно во 11 часот запливаа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, на стартот на 37-миот меѓународен Охридски пливачки маратон.

Деветнаесетте маратонци, осум во женска и единаесет во машка конкуренција, ќе треба да ја испливаат 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид.

Стартот на трката го означи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во присуство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова.

Покрај маратонците од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово, во водите на езерото боите на Македонија ќе ги бранат Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски, како и Росана Гошева.

Температурата на водата е просечно околу 24,5 степени Целзиусови, но моменталните временските услови со засилен ветар од северозападен правец секако не оди во прилог на пливачите, така што во такви услови за да стигнат до целта ќе им бидат потребни повеќе од пет и пол часа.

Наградниот фонд на маратонот изнесува дванаесет илјади евра, од кои две илјади за најдобрите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови.

Маратонот и оваа година е завршниот настан на Фестивалот на вода, а се одржува во организација на Општина Охрид, со поддршка на Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи. аб/сст/

фото/МИА

Остани поврзан