• недела, 22 декември 2024

„Од срце за Тоше“ со неговите песни во Крушево

„Од срце за Тоше“ со неговите песни во Крушево

Крушево, 5 октомври 2022 (МИА) - Под наслов „Од срце за Тоше“, 12 музичари, заедно со камерниот оркестар од Битола и бендот на Тоше, на концертот на платото на Гумење пред спомен куќата на Тоше, ги изведоа песните што ги пееше нашата и балканска музичка ѕведа Тоше Проески. Пред бројната публика, песните на Тоше ги изведоа Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Каролина Гочева, Дани Димитровска, Бени Шаќири, Ѓоко Танески, Мартинијан Кириловски, Јоце Панов, Омар Џафероски, како и солистите на МОБ Билјана Јосифов и Влатко Груески.

Концертот е на 15-годишнината кога Тоше го одржа последниот негов концерт во Скопје.

Лефкија Гажоска, директорка на спомен домот „Тодор Проески“ кој е организатор, вели дека Тоше останува со нас преку неговите песни, а ваков концерт ќе одржуваат на 5 октомври секои пет години.

- Целта на овој и другите настани што ги организира спомен куќата „Тодор Проески“ е да се популаризира и да не се заборави делото на нашиот ангел, Тоше. Ги одбележуваме, пред сѐ, значајните датуми од неговата музичка кариера, а 5 октомври несомнено е еден од позначајните настани. За жал, концертот во Скопје пред 15 години беше еден од неговите последни настапи. Нема да бидам нескромна ако кажам дека досега е ненадминат, не само поради публиката која ја собра на Градскиот стадион, туку и по хуманата мисија која ја имаше – според програмата на УСАИД за обновување на основните училишта, а дел од средствата од концертот беа наменети за завршување на тој проект. Така, хуманата мисија на тоше преку овие настани гледаме да не се заборави, да се продолжи неговото дело и многу повеќе да се потсетуваме на неговите мисли, посебно на неговото „Ве сакам сите“, на неговоточовекољубие. Сакаме да има традиција, не како годишен концерт, но на секои 5 години, зашто не сакаме да се заборави 5 октомври, изјави Гажоска.

Билјана Јосифов, солист при Македонската опера и балет и сограѓанка на Тоше, вели дека не и се остварил сонот со него да пее пред крушевчани, но чест е да се пеат неговите песни.

-Се направи добар тим за да се одбележи делото на Тоше, а воедно се сеќаваме на неговиот, за жал, последен концерт пред 15 години. Драго ми е и чест ми е што сум дел од сеќавањата за Тоше, што ги исполнуваме неговите песни, зашто со Тоше бев и лично поврзана, имавме доста заеднички локални настапи во Крушево, зашто и јас сум оттука. Пеевме заедно на манастирот „Свето Преображение“. Вечерва ги пеам неговите песни „Арија“ и „За овој свет“. Овојпат во оперски стил. Не ми се оствари сонот под ова крушевско небо да запеам со Тоше. Но Тоше е со нас преку неговите песни, изјави Билјана Јосифов.

Дани Димитровска смета дека ова треба да стане традиција.

-Ова значи многу и е голема чест. За првпат се случува во Крушево, но не значи дека е последен. Според мене, треба да биде традиција. Ги пеам тошевите песни „Хардест тинг“ и „Сонце во твоите руси коси“, рече Дани Димитровска.

Бени Шакири вели дека делото на Тоше е толку големо што ќе остане долго преку неговите песни.

-Големите уметници оставаат зад себе големи дела. Музиката на Тоше треба само да се слуша, да се пушта на радијата, да ја има во сите медиуми. Јас верувам дека Тоше не гледа, горд е. Зад себе остави песни кои ги слушаат сите генерации. Малку ми е лицемерно од оние што го величаат, а помалку се слуша од медиумите. Но, сите што го сакаат тоше го наоѓаат начинот да ги слушаат неговите песни, кога сакаат може да ги пуштат преку интернетот и да уживаат и да се сеќаваат. Ги пеам неговите песни „Цреша“ и „Вежи ме за себе“.

Трајко Симоноски, басист од бендот на Тоше емотивно вели дека по повеќе од 10 години бендот и пријателите на Тоше се собираат и токму во Крушево на овој концерт.

-Ние, како бенд и пријатели на Тоше еве се собираме по повеќе од 10 години. Среќни сме што сме повторно заедно и совршено ни е јасно дека Тоше постојано е со нас, неговиот дух е тука. Се надеваме дека дел од тој дух ќе им го пренесеме на сите, рече Симоноски.

Концертот „Од срце за Тоше“ е поддржан од Министерството за култура и од повеќе стопански субјекти од Крушево. Посетителите ја посетија спомен куќата на Гумење која ги чува спомените на Тоше Проески. ем/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан