• вторник, 26 ноември 2024

Од следната година во Грција: За пет илјади евра можен влез во Акропол и после работното време

Од следната година во Грција: За пет илјади евра можен влез во Акропол и после работното време

Атина, 23 декември 2023 (МИА) - Грција планира да понуди ексклузивни тури до познатиот Акропол за помал број богати посетители надвор од работното време, почнувајќи од 1 април следната година, но по цена од 5.000 евра.

Оваа мерка е дел од ревизијата на политиката за посети на археолошки локалитети и музеи, која ќе се прошири и на други места од април 2025 година.

Претставничката на грчкото Министерство за култура, Николета Дивари-Валаку, вчера изјави дека новата ексклузивна понуда за посета на Акропол ќе се состои од најмногу четири групи од по пет лица и ќе чини 5.000 евра по група, а ќе може да се оди на турнеја индивидуално, но по цена на целата група.

„Одлучивме да ја воведеме оваа мерка затоа што има побарувачка, луѓето побараа ваква понуда, која нема негативно да влијае на архолошкиот локалитет, згора на тоа, ќе придонесе за подобра промоција на Акропол, а приходот ќе се користи за инвестиции во културни проекти и споменици“, појасни Дивару-Валаку.

Специјалните посети, со сертифицирани водичи, ќе траат два часа - наутро од 7 до 9 часот, пред отворањето и од 20 до 22 часот по затворањето на Акропол.

Таа додаде дека, ако се оди како што треба, програмата треба да вклучи и други големи археолошки локалитети во Грција од 2025 година. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан