• сабота, 23 ноември 2024

Од постојните германски инвеститори 70 отсто повторно би инвестирале во земјава

Од постојните германски инвеститори 70 отсто повторно би инвестирале во земјава
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Дури 70 отсто од германските инвеститори повторно би инвестирате во земјава, а 30 отсто би се одлучиле за друга локација, покажуваат резултатите од анкета за деловната клима за 2021/2022 година што ја спроведе Македонско-германското стопанско здружение од март до април годинава кај 30 свои членки. Анкетата за деловната клима се спроведува по 17 пат во земјава, а паралелно се прави и во 13 други држави во Југоисточна Европа. - Од испитаниците, 70 отсто се задоволни од состојбите во сопствената компанија и повторно би инвестирале во земјата. Оваа година тоа го видовме кај повеќе компании, тие го проширија своето производство и го зголемија бројот на вработени, што претставува одличен показател, а и трговската размена бележи рекордна година и за шест години се има двојно зголемено, рече Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, кој ги презентираше резултатите. Тој потенцира дека во нивното истражување на прашањата поврзани со оценката на локалните уловите, испитаниците одговориле дека се задоволни од трошоците за придонеси, продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот. - Испитаните компании со најслаба оценка ја оценија борбата против корупција и криминалот. Но, сметаа дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки. Даночниот систем, даночните оповарувања и наплатата на побарувањата се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години, рече Мартенс. Тој нагласи дека компаниите се најзадоволни од своите вработени и со највисока оценка ја оценуваат продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените. - Војната која се води во Украина остава последици и врз стопанството. Во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании, дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали. Дури 64,3 отсто од компаниите очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46,4 отсто веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство. Да дојде до прекин на производството очекуваат 28,6 отсто и исто толку испитаници очекуваат да има пад во нарачките. До нарушување на трговската размена очекуваат да дојде 25 отсто, а само 14,7 отсто очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери. Само 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 година да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година, прецизира Мартенс. Во 2021 година, како што рече, стопанството се уште ги чувствуваше последиците кои ги предизвика пандемијата на Ковид-19, но и покрај оваа состојба трговската размена помеѓу двете земји забележаа рекордна година. - Во 2021 година од Северна Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3,474 милијарди евра, увозот од Германија беше 1,244 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесуваше 4,719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 година за 907 милиони евра, истакна Мартенс. За германскиот заменик амбасадор Ото Граф, двете земји имаат многу сличен менталитет и се разбираат и токму тоа е причината за одличната економска соработка. - Имаме и одлични односи со Владата и ни излегува во пресрет на сите барања, но сепак е потребно да има поефикасна администрација и подобро справување со корупцијата. Неопходно е и целосно усогласување на царинските стапки со европските за привлекување повеќе инвеститори, рече Граф. Во земјава работат 200 компании со германски капитал кои вработуваат над 20.000 лица. вј/сп/

Остани поврзан