• понеделник, 23 декември 2024

Од Крива Паланка започна теренската информативна кампања за ИПАРД 3 програмата 

Од Крива Паланка започна теренската информативна кампања за ИПАРД 3 програмата 

Крива Паланка, 3 мај 2023 (МИА) - Европските можности за македонското земјоделство и руралниот развој преку ИПАРД 3 програмата денес беа презентирани пред паланчани од страна на телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

На настанот се обратија Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и раководителот на телото за управување со ИПАРД, Живко Брајковски.

Брајковски посочи дека кампањата по вчерашниот инфо ден во Скопје, од денес се насочува теренски, на информативни средби со граѓаните, со земјоделците и заинтересирани граѓани за искористување на преостанатите средства од ИПАРД 2, за кои ќе се објави последниот, деветти повик, како и првиот повик за ИПАРД 3, што ќе бидат објавени паралелно кон крајот на месец јуни 2023.

-Со претстојниот повик за ИПАРД 3 на располагање ни стојат неповратно средства  од ЕУ и буџетот на државата за нови инвестиции, нови можности за развој и за нас како општина, како рурален регион, така што покрај развој на бизниси во рурални средини ќе бидат поддржани и инвестиции во рурална јавна инфраструктура, околу 17 милиони евра наменети за инвестиции во обновливи извори на енергија, локална патна инфраструктура, водоводи и канализации. Наша заложба како локална власт е преку ваквите повици да реализираме нешто капитално, видливо и значајно за граѓаните. ИПАРД 3 нуди можност голем број индивидуални земјоделци и претпријатија да се развиваат и да бидат нова успешна приказна со: зголемено производство, нови вработувања и подобра локална економија. Знам дека постои голем интерес од страна на граѓаните на Крива Паланка и Ранковце за овие програми, така што, верувам, согласно резултатите на искористеност од 98 отсто во ИПАРД 2, повторно ќе може да се пофалиме како држава дека сме лидери во регионот по имплементација и искористеност на средствата, споредено со Албанија, Црна Гора и Србија, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Министерот Николовски рече дека од денеска до крајот на јуни овој тим од МЗШВ и платежната агенција ќе биде на терен за да сподели бројки, факти и да се допре до секое населено место.

-Сведоци сме дека во изминатиот период речиси и да нема населено место во државата без ИПАРД табла, лидери сме во регионот со склучени над 2300 договори и целосно ставање на располагање на средствата, со искористеност од 98 отсто, а без ниту едно евро да вратиме назад кон ЕУ, што ја прави исклучително успешна програма, а преостанува уште еден повик од ИПАРД 2. Го најавуваме оттука, од регионот на Ранковце и Крива Паланка, и последниот повик од ИПАРД 2 и првиот повик од ИПАРД 3 што вкупно овозможуваат средства од вкупно 29.000.000 евра, а во следните години на располагање ни стојат 128 милиони евра, од кои 97 милиони се средства од ЕУ и 31 милион евра од државниот буџет. Ова е вистински пример дека може да не вратиме ниту евро назад, и се надевам и во овој регион кадешто досега со ИПАРД 2 немаше преголем интерес, ќе имаме успешна реализација на проекти и тука ќе има повеќе ИПАРД табли, рече министерот Николовски.

Стручните лица од МЗШВ и АФПЗРР го образложија достапните мерки:3 од ИПАРД 2 и мерки 1 и 7 од ИПАРД 3 за кои ќе можат да се подготвуваат апликации од стартот на повикот, крај на јуни,за да се започне час поскоро со комплетирање на документацијата потребна за истите. ид/аа/

Фото: Општина

 

Остани поврзан