Од диви депонии во Скопје лани отстранети над 9.000 метри кубни отпад
- Во текот на 2020 година, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје седум пати во неделата, во три смени, го собираа и транспортираа комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стоп
Скопје, 15 јануари 2021 (МИА) – Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје изминатите 12 месеци собрале и транспортирале вкупно 158.476 тони комунален отпад, што е за 4.713 тони или 3.07 проценти повеќе во однос на 2019 година.
ЈПКХС денеска во отчет за 2020 информира дека службите секојдневно ја одржуваат хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје.Истакнуваат дека седум пати во неделата, во три смени, го собирале и транспортирале комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и руралниот дел на градот.
Во координација со Град Скопје и другите јавни претпријатија, преку заеднички активности реализирале генерално чистење на сите скопски општини, како и комплетно расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што се поставени 120 нови канти наменети за одлагање ситни отпадоци.
-На подрачјето на главниот град, во текот на минатата година беа отстранети над 9.000 метри кубни отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти, посочува ЈПКХС.
Во јуни 2020 година, на барање на жителите на Скопје, ЈПКХС воведе нова услуга за преземање кабаст отпад од домаќинствата, а граѓаните кои имаат потреба да се ослободат од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди можат да се јават на бесплатниот телефонски број на Претпријатието. Услугата е достапна секој ден во неделата од 07:00 до 19:00 часот.
- Во текот на 2020 година, на сто локации во речиси сите скопски општини поставени се околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2 м3, а поставени беа и 500 нови канти наменети за одлагање ситни отпадоци. Во овој период, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, од коишто десет нови садови со зафатнина од 3,2м3. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје, информираат од ЈПКХС.
Како дел од активностите за 2021 година, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје има во план да набави 47 нови специјални комунални возила - метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад. Предвидената обнова на возниот парк и механичката опременост на Претпријатието е со цел да придонесе поефикасно и поквалитетно извршување на активностите. Главен приоритет на ЈПКХС, потенцираат, останува заштитата на јавното здравје и одржување на јавната хигиена во градот Скопје на највисоко ниво.
Според истражувањето на реномираниот Центар за граѓански истражувања во чиишто рамки беа опфатени сите институции и претпријатија во Северна Македонија, ЈП Комунална хигиена-Скопје е прогласено за претпријатие со најголем раст на транспарентноста за 2020 година, стои во соопштението. ки/лв/