• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
13 март 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 февруари. Денеска е Преподобен Јован Касијан. Овој голем духовник се роди во Рим од угледни родители. Во младоста ги изучи сите светски науки, особено философијата и астрономијата. Потоа сиот се предаде на изучување на Светото Писмо. Вдавајќи се од добро на подобро и сакајќи се поголем степен на совршенство, Касијан замина од Рим за Цариград за лично да го види и чуе Свети Јован Златоуст. Златоуст го поучи и го посвети за ѓакон. Откако многу се исползува со мудроста на Светиот Златоуст, се упати понатаму на Исток за уште повеќе да се поучува и усовршува. Најмногу се задржа во Мисир, во Нитрија, меѓу прочуените духовни атлети, од кои се научи на вежбање во сите добродетели. Најпосле повторно се врати на Запад и се насели во градот Марсеј. Овде основа два манастири, еден машки и еден женски. На молба на монасите напиша повеќе списи од кои особено полезен за љубителите на духовниот живот е: „Осум книги за борбата против осумте главни страсти“. Особено важен е неговиот спис против еретикот Несториј. Касијан го напиша тој спис на молба на архиѓаконот Лав. Му послужи верно на Господ и се пресели во вечниот живот во 435 година. Моштите на Свети Касијан и денес почиваат во Марсеј. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Никефор. Бил роден во Цариград, во 758 година во време кога царот Константин Петти водел војна против изработувањето на икони. Неговиот татко Теодор бил царски повереник, но за време на иконоклазмот останал верен на изработувањето на свети слики. Никефор почувствувал дека Господ го повикува во духовниот сталеж. Во 787 година учествувал на Вториот Никејски собор, кој ги осудил кривоверствата на иконоклазмот и го одобрил изработувањето на свети икони. Свети Никефор бил протеран. Умрел во прогонство во 828 година. ###

Остани поврзан