• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
24 април 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 11 април. Денеска е Св. свештеномаченик Антипа Пергамски (Источен Петок-Балаклија). Мачеништвото на свети Антипа, епископот на Пергам, паѓа уште во првиот век по Христа. Неговиот случај бил познат низ целата тогашна провинција Азија, каде и се наоѓал овој град. Го споменува и свети Јован Богослов во своето Откровение. Свети Антипа во тоа време беше светлината на Пергам, зашто тогашен Пергам беше полн со секакви заблуди, слично на големиот и познат Ефес. Не можејќи да го поднесат неговото сведоштво, локалните жреци го подигнаа народот против Антипа, го зграпчија и го фрлија во внатрешноста на еден вжештен бронзен вол што се наоѓаше пред храмот на Артемида. Свети Антипа преку овој сети¬лен оган премина во благиот оган на вечното непосредно општење со единствениот Бог. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Фиделис од Сигмаринген. Бил роден во 1573 година во Сигмаринген. Неговото вистинско име било Марко Рој. Бил доктор, но поради верувањето во Христос одлучил да ја напушти кариерата и да им помага на болните луѓе. Сакал да ги обедини веќе разделените христијани, но многумина не го прифаќале тоа. Свети Фиделис бил убиен од протестантите. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 31 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 50 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан