• недела, 17 ноември 2024

Одлуки од 65. седница на Владата

Одлуки од 65. седница на Владата
12 јуни 2020
Соопштение од денешната 65-та седница на Владата на Република Северна Македонија.
 Од 65-тата седница на Владата: Остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение; Моловите ќе работат до 22:00 часот: Владата нема да ја обжали пресудата на Стразбур што ја добија граѓаните за парното
Владата на Република Северна Македонија на денешната 65-та седница донесе Одлука за измена и дополнување на Протоколот за редовна работа на моловите, со кои работното време на овие објекти се определува во периодот од 10:00 до 22:00 часот, со исклучок на недела кој останува неработен ден. На денешната седница е усвоен Протокол за работа на автокамповите со цел спречување на ширење на КОВИД-19, како и Протокол за постапување за време на квалификационото тестирање на учениците кои имаат интерес за запишување во средните училишта во паралелките во кои се изучува германски јазик со шест часа неделен фонд, во паралелките во кои се реализира билингвална настава и во паралелката во која се реализира програмата за Меѓународна матура во Средното училиште на Град Скопје Гимназија „Јосип Броз Тито”, во учебната 2020/2021 година. На оваа седница е усвоен и Протокол за државна матура, кој е наменет за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година. Владата денеска заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19. На предлог на Агенцијата за млади и спорт, на седницата е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите за мерка за справување со КОВИД-19 кризата, насочени кон младите за време на траење на вонредна состојба, со која се уредуваат критериумите и постапката за финансиска поддршка за проекти за млади на оваа тема со исплата на грантови во износ од 300.000 денари. На денешната седница се донесени измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со што се создаде можност физичките лица кои дале согласност за донирање на вратениот ДДВ во првиот квартал од 2020 година да го променат одговорот најдоцна до 30 јуни 2020 година и да се стекнат со право на враќање на ДДВ на нивните трансакциски сметки најдоцна до 30 јули 2020 година. Оваа уредба е дополнета со одредба и заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги со што враќањето на ДДВ за промет на домашни производи и услуги се зголемува од 15% на 20%, а за останатиот промет враќањето на данокот се утврдува на 10% од пресметаниот ДДВ искажан во фискалната сметка. Измена и дополнување денеска е прифатена и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот КОВИД-19 за време на вонредна состојба, со што рокот за користење на финансиската поддршка на овие лица се проширува и за месец јуни. Владата денеска ја дополни и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, и сега таа ги опфаќа и студентите од третиот степен во високото образование, односно и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години. На оваа седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, со што се уредува воведувањето на коронавирусот КОВИД-19 во групата на заразни болести за кои Законот воспоставува обврска за пријавување од страна на лекарите и здравствените установи како причина за заболување или смрт. Со Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, која исто така беше усвоена на оваа седница, се уредува можноста министерот за здравство, за целото време на постоење на заразната болест КОВИД-19, а заради ефикасно, ефективно и навремено дијагностицирање, третман,  лекување, нега и рехабилитација на лицата заболени од оваа болест, по потреба, со наредба да упатува здравствени работници, односно здравствени соработници и помошно-технички лица вработени во јавна здравствена установа во мрежата на работа во друга јавна здравствена установа во мрежата. Притоа, за време на извршувањето на работата во јавната здравствена установа во која се упатени, здравствените работници, односно здравствените соработници и помошно-техничките лица правата и обврските од работниот однос да ги остваруваат во здравствената установа во која имаат засновано редовен работен однос. На денешната седница е дополнета и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравственото осигурување за време на вонредна состојба, со што на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија му се дава можност да го утврди начинот и активностите за остварување на правото на лекови на осигуреното лице без приложување на рецепт. Денеска се донесени измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за инспекциски надзор за време на вонредна состојба за да се овозможи спроведување на испитот за стекнување на инспектор со лиценца од причина што Владата усвои Протокол за превентивни мерки за сите работни места, со што се создадени и технички услови за спроведување на овој испит, и обуките за стекнување на инспектор со лиценца, како и стручното усовршување и обука на инспекторите ќе се реализираат по завршување на вонредната состојба, односно кога ќе се воспостави платформата за електронско спроведување на обуки што се очекува најдоцна до 31 август 2020 година. Со измени и дополнувања Владата го продолжи рокот на Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба заклучно со истекот на 30 дена по престанувањето на вонредната состојба. Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за можноста за упатување жалба на предметот Стрезовски против Северна Македонија и 7 други, и донесе заклучок да не поднесе барање за обжалување на пресудата пред Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Со оваа одлука да не ја обжали одлуката на ЕСЧП, Владата ја прифати пресудата на судот по предметот Стрезовски против Северна Македонија и 7 други што го покренаа осуммина граѓани од нашата земја кои се жалеа обврската да плаќаат надоместок за  парно греење на приватните снабдувачи со топлинска енергија, иако беа исклучени од топловодната мрежа.
__________________________________________________________________________________________________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан