• вторник, 17 декември 2024

ОДИХР за изборите во Србија: За нови избори треба да се применат постојните и новите препораки, да се изменат законите, да се спречи притисок врз гласачите

ОДИХР за изборите во Србија: За нови избори треба да се применат постојните и новите препораки, да се изменат законите, да се спречи притисок врз гласачите

Белград, 27 февруари 2024 (МИА) - Пред новите избори треба да се спроведат постојните и новите препораки, вклучувајќи измени на законот за избирачки список, спречување на заплашување и притисок врз гласачите, спречување  функционерски кампањи и воведување разумни кратки рокови за одлуките на Уставниот суд, се наведува, меѓу другото, во долгоочекуваниот извештај на ОДИХР за декемвриските избори во Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ вечерва закажа прес - конференција за утре претпладне, додека опозициската коалиција „Србија против насилство“ оцени дека извештајот на ОДИХР за изборите во Србија ги потврдил изборните нерегуларности, јави дописникот на МИА од Белград.

Во извештајот на ОДИХР, кој го пренесоа медиумите, на властите во Белград им се посочува дека мора да се реши прашањето за единствениот избирачки список, за починатите во него и за појавата на масовна миграција на гласачите и тоа во соработка со политичките партии и граѓанското општество.

Со цел ефективно да се адресираат препораките наведени во овој и претходниот извештај на ОДИХР за набљудување на изборите, неопходно е однапред на време пред следните избори да се започне со измени на законот. Тоа треба да се направи заедно со сите вклучени во процесот, со широк политички консензус, се наведува во извештајот на ОДИХР.

За да се отстранат сомнежите за точноста на избирачките списоци и да се зголеми довербата на јавноста, треба да се разгледаат релевантните закони, регулативи и практики. ОДИХР наведува дека треба да се овозможи пристап до податоците за регистрација на гласачите и да се олесни сериозната ревизија на Единствениот избирачки список. Сите релевантни чинители, вклучително и политичките партии и граѓанското општество, треба да учествуваат во ова, се наведува во извештајот на ОДИХР.

ОДИХР, исто така, смета дека законот треба да обезбеди јасна поделба меѓу државните функции и активностите за време на изборната кампања. Надлежните треба да преземат мерки за да се спречи злоупотреба на службените позиции и државните ресурси. Сите прекршувања треба проактивно да се истражат со соодветни санкции кои би делувале како одвраќање, се наведува во препораките.

Исто така, наведуваат од ОДИХР, властите треба да спречат заплашување и притисок врз гласачите, вклучително и вработените во јавните и државните институции и компании и да ги зајакнат механизмите за следење.

Во извештајот се наведува и дека независноста на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) треба ефективно да се гарантира, согласно новите законски одредби. РЕМ треба проактивно да ги користи своите законски овластувања за да одговори на прекршувањето на медиумските регулативи, врз основа на своето систематско следење.

За да се обезбеди непристрасно информирање за учесниците и да им се овозможи на гласачите да донесат информирана одлука, медиумите треба да го остварат своето право на уредувачка независност и да избегнуваат користење материјали произведени од партиите во информативните програми, особено за време на изборните кампањи, се наведува во извештајот.

Управниот суд треба да ги искористи сите расположливи средства за поддршка на правото на ефективна правна заштита во изборните спорови и рочиштата во тие случаи треба да бидат јавни.

Законот треба да предвиди разумно краток рок за Уставниот суд да ги процесира жалбите за избори и да овозможи подолг период за одржување повторени избори, се наведува во извештајот на ОДИХР. об/паг/

Остани поврзан