• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
25 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 април. Денеска е Воскресение Христово - Втор ден. Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно. И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта. Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Марко. Свети Марко го следел свети Петар на неговите апостолски патувања. Заедно со свети Петар отишол во Рим. На римските верници им ги преведувал говорите на Петар бидејќи многумина не разбирале латински и грчки. На нивно барање, во 44 година настанало Марковото евангелие со кое сакал да докаже дека Исус Христос е Син Божји. Марко во апостолските патувања го следел и апостолот Павле. По маченичката смрт на свети Петар и Павле во 67 година, за време на царот Нерон, Марко заминал во Египет. За време на светата Миса во Александрија во 68 година, паганите го убиле. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:32 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 48 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан