Од верските календари
- 23 ноември 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 ноември. Денеска е Св. апостоли Олимп, Родион, Ераст, Кварт, Сосипатер и Терциј.
23 ноември 2020 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 ноември.
Денеска е Св. апостоли Олимп, Родион, Ераст, Кварт, Сосипатер и Терциј.
Сите беа од редот на 70-те апостоли. Олимп и Родион пострадаа во Рим, за време на Нероновото гонење, заедно со апостол Петар. Родион претходно беше епископ во Неопатра и таму многу пострада од евреите. Ераст, пак, прво беше економ на Ерусалимската црква, а подоцна епископ во Панеада, во Палестина. Кварт беше епископ во Бејрут. Сосипатер и Терциј беа, еден по друг, епископи во Иконија. Првиот подоцна отиде на Крф, каде го проповедаше распнатиот и воскреснатиот Христос, а Терциј пострада маченички во Иконија. Последниов го запиша Посланието на свети апостол Павле до Римјаните.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Клемент Први.
Бил четврти бискуп, по свети Петар, Лина и Анаклета. На чело на Римската црква бил од 92 до 101 година. По потекло бил Евреин од дијаспората, а по култура, Хелен. За време на владеењето на царот Домицијан, поднел маченичката смрт поради верувањето во Христос. Верниците му се молат поради тешкотии во животот.
###