• недела, 19 мај 2024

Од верските календари

Од верските календари
17 јануари 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 4 јануари. Денеска е Собор на 70 Апостоли. Покрај 12-те апостоли, Христос избрал уште 70 други, ги вооружил со сила да чудотворат и да изгонуваат духови и ги испратил по градовите и селата да ги повикуваат луѓето кон вечен живот. Нивната проповед се состоела, како што вели апостол Павле, не во убедливи зборови на човечката мудрост, туку во пројава на дух и сила. По слегувањето на Светиот Дух тие се распрснаа по целата Римска империја и на својот пат претрпеа многу гонења, маки и незгоди, а многу од нив и пострадаа за Христа. Црквата го определи овој ден за да ги слави сите нив заедно. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Антун Пустиник. Бил роден во 250 година во Коми, во среден Египет. Неговите родители биле богати и угледни граѓани. Неговите родители умреле кога имал 18 години. Поттикнат од Божјиот повик, им го разделил своето богатство на сиромашните и отишол во пустина да живее покорен живот. Со молитва и одрекнување сакал да постигне поголемо совршенство. Кога царот Максимијан почнал во Египет да ги прогонува христијаните, Антун, загрижен за црквата, ја напуштил пустината и отишол во Александрија каде го проповедал христијанството. Во 311 година, повторно се вратил во пустината. По него тргнале многу млади луѓе кои биле воодушевени од христијанскиот идеал и бројот на пустиници брзо пораснал на 6.000. Умрел во 356 година, на 105-годишна возраст. ###

Остани поврзан