• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
27 јули 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 јули. Денеска е Св. апостол Акила. По род Акила бил Евреин. Во првиот век живеел во Рим заедно со жена си Прискила. Во времето на цезарот Клаудиј, како и сите останати Евреи, биле принудени да го напуштат градот, па се населуваат во Коринт. Таму ќе се сретнат со апостолот Павле. Поверувале во проповедта за Христа и станале блиски соработници на апостолот Павле. Тој неколку пати ги спомнува во своите посланија. Подоцна се враќаат во Рим, па заминуваат за Ефес... Според преданието Акила, како еден од 70-те апостоли, го проповедал христијанството во многу краишта, а земниот живот го завршил маченички, убиен од незнабошците. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. кордовски маченици. Групата кордовски маченици ја сочинуваат: Јурај, Аурелиј, Феликс, Наталија и Лилиоза. Аурелиј бил роден во Кордоба во Шпанија. Кога се оженил со Наталија живеел како христијанин. Еднаш бил сведок на случката кога еден христијанин храбро ја исповедал својата вера во Христос. Бил многу вознемирен и поради тоа посакал да биде маченик за Христос. Со истиот идеал бил зафатен уште еден брачен пар: Феликс и Лилиоза, како и монахот Јурај. Во 852 година сите биле осудени на смрт поради тоа му се спротивставувале на исламот. ###

Остани поврзан