• среда, 18 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
20 септември 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 септември. Денеска е Св. маченик Созонт. Созонт беше родум од Ликаонија. Беше овчар, а во верата искрен и длабок. Во неговото време во градот Помпеопол започна жесток прогон на христијаните, под надзор на киликискиот хегемон Максимијан. Во истото време Созонт појде во Помпеопол, влезе во еден незнабожечки храм каде што се наоѓаше еден златен идол, му ја откина раката и златните парчиња им ги раздаде на сиромасите. Во градот настана го¬лема тревога. А Созонт не сакаше некој друг да пострада поради него¬вото дело, па самиот отиде и му се откри на хегемонот. Овој нареди да го стават на маки. А откако претрпе се, го фрлија во оган, каде што ја предаде својата света душа на Бога. Пострада во 304 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Еустахиј, Теописта, Теописто и Агапиј. За овие светци постојат многу легенди. Според една од нив, за време на еден лов Еустахиј фатил еден елен и меѓу роговите ненадејно ја видел сликата на распнатиот Исус, а од небото слушнал глас кој го повикал на спасение на бесмртната душа. Од тогаш Еустахиј, заедно со неговата жена Теописта и двајцата негови синови Теописто и Агапиј почнал да се крсти. Исус му рекол дека ќе биде подложен на тешки измачувања. Еустатиј успеал со помош на Господ да ги издржи тие измачувања. Поради верувањето во Христос, Еустахиј и неговото семејство умреле маченички во времето на владеењето на царот Трајан. ###

Остани поврзан