• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
29 април 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 16 април. Денеска е Велики Четврток. Денешниот празник е еден од базичните настани за Црквата. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот. Во четвртокот од таа последна недела на Христовиот живот на земјата беше востановена животоносната тајна на Црквата тајната на Евхаристијата. Таа тајна е востановена во горната соба од една ерусалимска куќа, кога Христос зеде леб, го прекрши и им подаде на учениците, т.е. на апостолите, а зеде и чаша со вино и исто така им ја подаде да пијат, со што ја најави својата смрт и таинствениот трепет што треба да го имаат учениците, зашто по неговата смрт беше јасно дека нешто ќе се случи. Таа тајна е изворот на целокупното богослужење на Црквата, а нејзиниот централен дел е причестувањето со телото и крвта Христова. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Катарина Сиенска. Била родена во 1347 година, во Сиена. На шестгодишна возраст и се прикажал Исус. Одлучила да стане милосрдна сестра во редот на Свети Доминик. Се грижела за болните луѓе и им помагала на сиромашните. Со својот свет живот ги потикнувала грешниците на покор. Во 1347 година им помагала на луѓето кои биле заразени од чума. Неколку години пред да умре, на рацете , нозете и градите и се појавиле Исусови рани. Таа започнала уште пожестоко да се моли за спасување на луѓето. Умрела во Рим, во 1380 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:36 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 40 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан