• четврток, 21 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
15 ноември 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 ноември. Денеска е Св. маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Афтониј, Елпифидор и други. Сите овие пострадаа во Персија, за време на гонењето од страна на богоборниот цар Сапор, во четвртиот век. Прво Сапор дозна дека Акиндин, Пигасиј и Анемподист, кои беа слуги на неговиот двор, се христијани и ги стави на маки. Додека ги мачеше, се пројави Божјата сила врз овие тројца, зашто во сите измачувања остануваа неповредени. Чудото го потресе Афтониј, еден од џелатите, па поверува во Христа, за што беше погубен. Еден дворски великодостојник Елпифидор, инаку таен христијанин, го прекори царот што измачува невини луѓе, па и тој беше погубен, заедно со уште 7000 други христијани. Најпосле, џелатите ги убија и светите Акиндин, Пигасиј и Анемподист и уште некои војници, а и мајката на царот, зашто и тие веруваа во воскреснатиот Христос. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Алберт Велики. Роден е во Германија во тринаесеттиот век. Бил калуѓер, доминиканец и многу побожен и учен. Како професор предавал на многу универзитети меѓу кои и на прочуениот универзитет во Париз. Поради занимливостите во неговите предавања, морал да предава на плоштадот Мауберт, кој го носи неговото име, од латинските зборови Магнус Алберт. Негов ученик бил и познатиот Свети Тома Аквински, еден од најголемите теолози. Му се молат студентите. ###

Остани поврзан