• вторник, 24 декември 2024

Одбележан патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар, првпат верниците се поклонија пред моштите на светителката

Одбележан патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар, првпат верниците се поклонија пред моштите на светителката
Дебар, 27 октомври 2022 (МИА) - Преподобната мајка Параскева била и до денес останува блескав пример за сите жени и мајки, поучувајќи ги со своето житие да застанат на правиот пат и да Го постават Христа над сè. Ова е дел од Словото на Неговото Преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на Преподобната Параскева, на Божествената литургија во црквата „Света Петка“ во Дебар.
- Денес, мили мои, со благодарење и со срдечен копнеж по светоста го празнуваме сјајниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, една од недобројното множество Светии, кои го исполнуваат Царството Небесно и со моќни застапништва се молат за нас. Светиите Божји го исполнуваат Царството на Бога, затоа што најнапред го исполниле Светото Евангелие. Ги чуле и во своите животи ги примениле словата на Словото Божјо, Господ Исус Христос, станувајќи на тој начин патоказ кон вечните блаженства за сите луѓе. Не е ли еден таков јасен и светол патоказ за нас денешната наша возљубена и сепочитувана славеничка, Преподобната Параскева? Кон што друго нè устремува нејзиното восхитувачко житие, ако не кон Христа?! Самиот нејзин животен пример нè повикува да го земеме благиот јарем на Оној Кој вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене“ (Матеј 11,28-29). Нејзините молитви и мајчинска закрила да бидат со сите нас, посака владиката Партениј.
За првпат верниците во Дебар имаа можност да се поклонат пред моштите на светителката кои беа поставени уште на самата Утрена богослужба.
-Овие мошти верно се чуваат од страна на Пречистанското сестринство, кое со благослов на нашиот надлежен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, благоизволија да го збогатат празничниот спомен со оваа голема светиња, за поткрепа на нашите верници, рече Миле Ангеловски, намесник на Дебарската парохија.
По Божествената литургја, со која чиноначалствува игуменот на Бигорската свештена обител, епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со бигорските јеромонаси, сестрите од Раичкиот манастир и отец  Ангеловски, беше осветена погачата што ја принесе годинешниот кум Гоце Илиоски, кој пак, кумството за до година му го предаде на Танас Илковски.
Црквата се наоѓа во центарот на градот, во близина на болницата, првпат е изградена во 14 век, била обновена во 19 век а реновирана во 1913 г. и по катастрофалниот земјотрес што во ноември 1967 година го погоди градот.
Во дворот на црквата е сместено и седиштето на Дебарската парохија. вт/

Остани поврзан