• петок, 22 ноември 2024

Одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Одбележан Меѓународниот ден на Ромите
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Во организација на Демократски сили на Ромите денеска во Музеј на Народноослободителната борба на Македонија - Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на Ромите - 8-ми април. Шабан Салиу, претседател на Демократски сили на Ромите истакна дека Ромите нема да престанат да се борат за остварување на своите индивидуални, колективни граѓански права, напротив ќе продолжат и ќе работат за реализирање на загарантираните права со закони и меѓународни акти. - Посебна приказна е резултатот од минатогодишниот попис на населението каде врз Ромите е направен невиден егзодус. Значи, ние во пописот во 2002 година бевме 53.789 лица Роми, кој јас никогаш не го признавам, бидејќи не кореспондира со вистинската бројка ромската заедница. Ние Ромите во Република Македонија сме 110 илјади, а овој попис дупло не го признавам и одговорно тврдам дека е егзодус на ромската заедница, рече Салиу. Тој посочи деке е горд што во изминатиот период како поранешен пратеник и политичар успеал да ги гради темелите на развитокот на ромскиот народ, фундаменталните обележја за модерен развој на ромското прашање. - Првото нешто на што сум горд се случи во 1991 година кога со првиот пратеник Ром во Собранието на Република Македонија Фаик Абди остваривме посета на тогашниот амбасадор на Индија во Белград и го поставивме прашањето за признавање на Ромите како малцинска заедница, односно дел од народот на Република Индија. Тогашниот амбасадор по нашата средба замина во Индија и од нивниот Парламент побара документ - декларација за признавање на Ромите како дел од истиот народ. На наше големо изненадување амбасадорот се врати од Индија и донесе документ - декларација со кој Ромите ги прифатиле официјално за дел од индискиот народ, а тоа беше услов да бидеме признати и внесени во преамбулата на Уставот на Република Македонија што претстатвува прва и до денес единствена држава во целиот свет каде што ние Ромите сме дел од Уставот и преамбулата, рече Салиу. Втора работа, на која, како што рече е горд, е употребата на ромското знаме кое првпат јавно беше подигнато во Гостивар во 2014 година. - Исто така, првпат се случија голем број на вработувања на Ромите во органите на државната администрација - Владата и министерствата, спроведувајќи го Рамковниот договор по прашањата на Ромите е моја лична интервенција и ангажираност од 2006 година. За време на мојот пратенички мандат постигнавме голем успех и скоро да нема државен орган каде што не е вработен некој Ром во согласност со принципот на соодветна застапеност. Заедно со моите најблиски соработници од ДСР скоро и да нема закон каде што сме интервенирале за да придонесуваме за размена, дополнување и подобрување на одредени законски решенија за системско решавање на елементарните проблеми на Ромите, рече Салиу. Светскиот ден на Ромите се одбележува во чест на првиот Светски конгрес на Ромите, одржан од 8-12 април 1971 година во Лондон и тоа е еден од најважните датуми во историјата на овој народ, кога претставници на Ромите од 14 земји во светот, донесоа одлуки за ромското знаме и официјална химна. Одлуката за прогласување на 8-ми Април за Меѓународен ден на Ромите во целиот свет е донесена на Четвртиот светски конгрес на Ромите одржан 1990 година во Полска.фф/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан