• понеделник, 23 декември 2024

Огромни поплави во Република Конго, илјадници луѓе имаат потреба од итна помош

Огромни поплави во Република Конго, илјадници луѓе имаат потреба од итна помош

Бразавил, 13 јануари 2024 (МИА) - Стотици илјади лица во Република Конго имаат потреба од итна помош поради поплавите што зафатија големи области на земјата, соопштија денеска Обединетите нации.

Невообичаено обилните врнежи предизвикаа девет од 12 области во земјата да бидат погодени од поплави кои ги оштетија здравствените установи и училиштата и потопија земјоделско земјиште, се наведува во соопштението на Светската здравствена организација.

Повеќе од 330.000 лица ги чуствуваат последиците од оваа катастрофа.

-СЗО ќе ја поддржи владата да спаси животи на луѓето и да обезбеди пристап до основните услуги, изјави Лусиен Манга, претставник на организацијата во Конго.

Врнежите се двојно повеќе од просечните забележани во 2022 и 2023 година и досега уништија или оштетија 34 здравствени установи, 120 училишта и повеќе од 64.000 куќи, се наведува во соопштението.

Поплави има долж брегот на реката Конго и околу реката Убанги, а Обединетите нации предупредија дека тоа може да доведе до појава на болести кои се пренесуваат преку валканата вода, како што е колера, и да го попречат пристапот до здравствена заштита.

-Нивото на реките се уште е високо, а веројатно е дека водите нема да се повлечат во блиска иднина, изјави владиниот портпарол Тиери Мунгала.

Поплавите почнаа пред две недели, а досега во нив загинаа најмалку 17 лица, додаде Мунгала.

Иако поплавите не се невообичаени во Конго, жителите на главниот град Бразавил велат дека не виделе такво нешто со децении.

-Дури и поплавите од 1961 година не беа толку големи како оние што ги гледаме денеска во Бразавил, вели Антоан Оканџа (78), чија куќа ја однела водата.

Владата најави дека ќе инвестира повеќе од три милиони долари во фонд за итни случаи при катастрофи. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан