• петок, 05 декември 2025

Објавен приказ кон српското издание на македонскиот роман „Столб што пее“ од Томислав Османли

Објавен приказ кон српското издание на македонскиот роман  „Столб што пее“ од Томислав Османли

Скопје, 21 септември 2025 (МИА) - По српската објава на преводот на македонскиот роман „Столб што пее“ од Томислав Османли, во викенд бројот на белградскиот дневен весник „Данас“ публикуван е првиот критички одглас од перото на книжевната критичарка Анѓелка Цвијиќ, насловен „Во театарот на историјата“.

Критичарката истакнува дека стожерот на романот „Столб што пее“ на Османли го чинат ликовите на античкиот поет и музичар Сејкил, современиот британски археолог професорот Сер Вилијам Ремзи и железничкиот инженер Едвард Џ. Пурсер.

- Повеќетематскиот роман на Томислав Османли тече во низа кратки поглавја кои се осмислени да му обезбедат сјајна динамика. Од столбот што пее (кој денес се наоѓа како древен артефакт во Националниот музеј на Данска, во Копенхаген), преку дамнешните и новите војни во Мала Азија, со посебно детално опишаната грчко-турска војна од првата петтина на минатиот век, до Сирија и Алепо, ова несекојдневно дело ја спојува антиката и денешново доба од некогашниот епитаф до ововремените, нон-стоп апдејтирани известувања на мировните организации кои преку општествените мрежи се приопштуваат до целиот свет..., наведува критичарка Анѓелка Цвијиќ.

Според неа, внимателно и прецизно градена сложената структура на „Столбот што пее“ успева да го поврзе сето тоа, вклучувајќи ги покрај автентичните и оние фиктивни ликови и есеистичките пасажи, документарните материјали, илустрациите, па и современата транскрипција на Сејкиловиот епитаф чијшто звук може и да се слушне во QR кодот приложен во романот.

- Со својата нова книга Томислав Османли ја испиша апокалиптичната историја на општеството и на поединецот, ги истражи причините на злосторот и на казната и, во ниеден момент не паѓа во патетика туку, редејќи ги дамките на совеста на целиот свет настанати со нетрпеливоста кон оној другиот, го обнови епикурејското ехо на Сејкиловиот столб. Пишуван во пост-постмодерен клуч, без патетика, јасно мисловно доследен, романот „Столб што пее“  на Томислав Османли му го враќа самочувството на отуѓениот, самодоволен роман на постмодерната, ја обновува класиката и го отвора патот кон нејзиниот нов израз..., наведува српската критичарка. 

Романот, кој неодамна го објави новосадска „Агора“, на српски го преведе писателот, уредник и издавач Сашо Огненовски. По дистопијата „Бродот. Конзархија“, ова е втор роман на Томислав Османли кој, во превод на истиот автор, го објавува српската издавачка куќа „Агора“.

Пред извесно време и грчкиот превод на романот свечено беше промовиран на Саемот на книгата во Солун. Двете странски објави беа поддржани од македонското Министерство за култура и туризам. 

„Столб што пее“ на Томислав Османли беше финалист на македонските конкурси за роман и за прозно творештво во 2023 година. мд/вј/

Фото: Томислав Османли 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан