Објавен нов тендер за компресорската станица, Таравари посака да се пријави некој
- На прашање што во случај доколку повторно не се пријави ниту една фирма, министерот појасни дека ќе се консултираат со експерти.
Скопје, 16 август 2024 (МИА) - Во понеделникот повторно беше објавен тендер за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираше попладнево министерот за здравство Арбен Таравари. Тој кажа дека нема информација дали е пријавена некоја фирма, но, посака да се пријави некој, бидејќи на претходниот тендер немаше пријавени за да ја завршат работата.
- Се надевам дека ќе се пријави, за да го решиме овој проблем барем ако е можно до крајот на годината, одговори Таравари на новинарско прашање, по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, по повод пуштање во употреба нова медицинска опрема во вредност од милион евра.
На прашање што во случај доколку повторно не се пријави ниту една фирма, министерот појасни дека ќе се консултираат со експерти.
- Ништо, ќе видиме, ќе прашаме експерти да видиме како можеме со некој да побараме што поскоро да се заврши оваа работа. Немаме друга опција, одговори Таравари.
Тој рече дека операционите сали на Клинички центар функционираат, бидејќи надлежните нашле „бекап“.
- Ние најдовме „бекап“ за да функционираат и ќе функционираат, освен ако почне фирмата да ги инсталира, ќе ни бидат потребни 10 дена да не работат воопшто салите, додека се исклучат старите и се воведат новите компресори. Иста прилика, после 32 години реновираме и ставаме нови компресори по сите стандарди како што треба. Се надевам дека ќе започнеме и со тоа. Паралелно се одвиваат повеќе работи, не можеме да се концентрираме само на компресорите, да ги оставиме салите и другите инвестиции во здравството, дециден беше Тараври.
Тој повтори дека се проширува Позитивната листа со нови девет лекови, како што истакна, скоро неизбежни за повеќето болести во државава. Министерот најави дека денеска само треба да го потпише документот.
- Ние ќе продолжиме вака. По шест месеци, планираме да ја прошириме плус листата, со уште неколку лекови. Меѓутоа, треба со директорот на Фондот да седнеме, да видиме, што се можностите уште неколку лека да бидат на Позитивната листа и да им олесниме секогаш на тие кои се главните во нашиот ресор - тоа се пациентите, а сите сме потенцијални пациенти, подвлече Таравари. бд/са/
Фото и видео: МИА