• понеделник, 23 декември 2024

Објавен е новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“

Објавен е новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“

Прилеп, 18 мај 2023 (МИА) - Во Прилеп од печат излезе новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, кое е прв број за оваа година. Списанието ги донесува редовните рубрики.

Во рубриката „Златен венец на Струшките вечери на поезијата“ може да се прочитаат најнови песни на годинешниот лауреат Влада Урошевиќ, а во рубриката „Поезија“ се застапени песните од поетскиот ракопис „Мед и младост“ на Гордана Михаилова-Бошнакоска, како и поезија од Катица Ќулавкова, Емилија Тодорова, Сузана В. Спасовска, Тони Попов и Павлина Атанасова.

Рубриката „Проза“ ги донесува расказот „Експеримент“ на Оливера Николова, извадокот од поетскиот роман во ракопис „Ловец на поети“ од Владо Јаневски и три раскази на Гордана Каракашовска.

Делот „Нови гласови“ ја промовира кусата проза на младата македонска авторка Нина Насеска. Во рубриката „Препеви, преводи“ е застапена  поезија на српскиот поет Павле Горановиќ во препев на Никола Маџиров, потоа песните на Руди Алфонсо Гомез Ривас препеани од Звонко Димоски и песни на албанската поетеса Елона Чулик во препев на Сашо Огненовски.

Рубриката „Театар“ на читателите им ги претставува драмскиот текст за деца „Си беше еднаш едно прваче“ на Сузана Ѓорѓиевска, како и студијата „За театарските работи“ на Иванка Апостолова-Баскар.

Во делот за „Критики, есеи, студии“ се објавени рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска за поетската збирка  „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади, критичкиот осврт на Марина Мијаковска за книгата раскази за деца „Зимски сладолед“ на Васил Тоциновски, Ацо Гогов пишува за патописната проза на Видое Подгорец, а Петар Петрески за женскиот принцип и оригиналниот прозен и драмски книжевен опит на Габриела Стојаноска-Станоеска.

Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура. ем/

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“

Остани поврзан