• вторник, 26 ноември 2024

Објавена прелиминарна листа со добитници на 70 социјални станови во Гостивар

Објавена прелиминарна листа со добитници на 70 социјални станови во Гостивар
Скопје, 17 мај 2022 (МИА) - Седумдесет лица од социјално ранливите групи во Гостивар ќе добијат станови изградени преку Програмата за изградба и оддржување станови во сопственост на државата. Прелиминарната распределба на становите беше извршена денеска, а конечната листа ќе биде објавена откако надлежната Комисија ќе ги направи деталните контроли на лицата на прелиминарната листа. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше дека до крајниот рок за поднесување на потребната документација, во Центарот за социјални работи во Гостивар аплицирале вкупно 190 граѓани, а 74 имале комплетна документација. -Од денеска па во наредните наредните денови, Комисија составена од вработени во министерствата за транспорт и врски, и за труд и социјална политика, ќе извршат детални контроли на лицата кои се наоѓаат на прелиминарната листа. Кај сите оние каде што фактичката состојба не одговора на приложените документи, ќе бидат исфрлени од листата и становите ќе бидат доделени на лица со ист или помал број на бодови доколку тие ги исполнуваат условите пропишани во огласот.  По извршената контрола од страна на Комисијата, ќе се утврди конечната листа со добитници на социјални станови, изјави Бочварски, кој присуствуваше на прелиминарната распределба на становите. Според министерот за транспорт, грижата за најранливите категории граѓани Владата ја покажува со изградба на преку 850 станови за социјални семејства во земјата. -Ова е еден од начините како оваа Влада води сметка за згрижување на ранливите семејства и уверуваме дека со овие мерки и политики ќе продолжиме и во наредниот период, заради подобри услови и обезедување на достоинствен живот за сите граѓани. Владата и општините, сите заеднички мораме да работиме за да го намалиме социјалниот јаз меѓу граѓаните, рече Бочварски. Тој најави дека во следниот период ќе се објават јавни повици за распределување на уште 132 станови, од кои 48 во Пробиштип,  36 во Виница и 48 во Свети Николе. Во завршна фаза е изградбата на социјалните згради во  Неготино, Демир Капија и Гевгелија,  а активно се градат, како што рече Бочварски, во  Бутел,  Велес,  Кочани, Пехчево и Сарај. Со јавниот оглас кој траеше од 3 март до 4 април предмет на распределба беа 70 социјални станови во зградa на улицa „ЈНА“ бр. 283-Б во Гостивар  изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на општина Гостивар, а согласно Рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Северна Македонија. Право на аплицирање имаа шест категории  социјално ранливи семејства, утврдени со Методологијата за распределба на овој тип социјални згради: Деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, Корисници на правото на гарантирана минимална помош, Лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни  (примарни) живеалишта, Лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени (согласно „Стратегијата за ромите на Република Северна Македонија“)  и Самохрани родители со малолетни деца. лв/дма/    

Остани поврзан