• недела, 22 декември 2024

Објавена книгата „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева–Ѓорѓиевска

Објавена книгата „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева–Ѓорѓиевска

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - „Македоника литера“ ја објави книгата „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од авторката Марина Димитриева–Ѓорѓиевска. 

Книгата содржи триесет кратки прозни текстови во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи.

- Секој текст е напишан како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице во кое се раскажува, но од друга страна, тоа е проза која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта. Во првиот дел доминираат теми кои кореспондираат со светот околу себе, а во вториот дел од книгата доминираат интимистички мотиви. Јас-нараторот е во постојана обраќачка позиција, суштински барајќи собеседник онака како што писмото бара да биде доставено некому, соопшти „Македоника литера“.

Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (Скопје, 1978) дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и магистрира и докторира (на тема „Семантиката на македонскиот роман на преминот од XX во XXI век“). Работела како новинар, уредник во редакција за култура, наставник по предметот Македонски јазик, а сега работи како советник во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе стручни трудови од методиката, објавувала песни и кратки раскази во печатени списанија и електронски медиуми, а оваа е нејзината прва белетристичка книга. мд/дма/

Фото: „Македоника литера“

Остани поврзан