• петок, 22 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
3 април 2020 (МИА) Преданија и легенди Сoздание небото и земњата Кога ја напраил Господ Земњава, сопрво била плоската. После напраил небото и клал на Земњата згора како вршник над црепња. Кога видел, сполај му на Господ, Земњава била поголема од небото. Думал, думал и издумал. Ја ватил со обете раце Земњата и ја притиснал од сите страни за да ја збери, за да дојдит тркалеста. Ја притиснал од едната страна, а од друга страна, је го клал небото згора; дошло тамам и го остаил како што си го глеаме сега над нас. А пак Сонцето, Месечината и ѕвездите 'и обесил Господ на небото, како некои кандила за некој таван. И секогаш 'и палат ангелите како кандилонавтите во црквата. Како се сториле Сонцето и ѕвездите Уште коа не бил веков напраен, Христос бил роден. Бидејќим бил малечок, се покрај Бога си одел и за пола му се држел. Кај ќе одел Господ, сполај му, по него одел и Христос. Дури мака му било на Бога дека с# по него одело малечок Христос. - Не туку иди по мене, а чедо, - му велел Господ, - седни си наземи, поиграј си нешто, како сите деца што си играат. Коа чу тој збор Христос од Бога, веднаш беше му се истаил од коленото и си седнал наземи да си поиграт. Првата играчка му била на Христа да си копа земја со теслата и да си напраит кал, а од калта си напраил едночудо чудесни топчиња, како туталиња и си и клал на гирамитчиња да му се сушат. Одил шетал Господ и наминал кај што му бил син му Христос, да го види што праит. Коа го видел извалкан од калта во рацете и во алиштата, се застојал да види што праел, што се извалкал толку од кал. - Море што така си се обацал, бре синко? - му рекол Господ Бог. - Што е таа кал што си напраил пред тебе? - Топчиња за играње си праам, тате - му рекол Христос. - Арно си напраил топчиња, бре чедо - му рекол Господ - ами чуму ти се толкуа чудо топчиња, што сакаш да и праиш? - - Ќе си и врлам, тате, наугоре како топки за да си играм со нив. - Е лели така ќе си играл со нив - му рекол Господ - ај врли ја онаа топка поголемата наугоре да видиме дури кај ќе ја фрлиш. Со радос голема Христос беше го послушал татка си, та грабнало големата топка и ја метнало наугоре вишно небо. По Божи блаосов беше отишла топката многу далеко и застанала на едно место, та се сторило Сонце. На часот беше светнало како некое сонце утрено, кога да болсни во чоечките очи и да не можи во него да се опулит. Туку си клало Христос обете рачиња на очите да не му се земи здракот од сонцето. - Еј синче, видиш големата топка како ти ја напраив да свети како сонце. Ај расврли 'и сите топчиња наугоре за и тие како неа да се напраат. - Ќе и врлам, тате, сите - му рекол Христос - ама те молам да не ми напраиш како големата топка, да свети толку многу за да не можам во неа да се пулам. - Мошне арно, чедо, ај ти врли 'и топчињата, да јас знам како ќе ти 'и напраам - му рекол Господ. Веднаш и грабнал Христос сите топчиња со обете раце, 'и исврлил едни надесно, а други налево, едни угоре, други удолу. Сите се распрснаа по широкото небо и секое топче и топка се застојала на местото каде што ја блаосоил Господ. Од тие топки и топчиња Господ 'и блаосоил за едни да бидат Месечина, друзи - големи ѕвезди, а најмалите - помалите ѕвезди. Коа виде Христос оти сите топчиња му застанаа на високо и коа виде оти немат со што да си играт, грабна од земјата со раце и се расврла во ѕвездите со земјата на нив, за да `и турнит; арно ама Господ и земјата беше ја блаосоил, тики му се сторила ѕвезди ситни. Од таа земја била Кумоата слама ѓоамити. Ете така се сотворил веков. Господ кога 'и создаваше луѓето Откога создаде Господ небото и земјата, со с# што имат на нив и во нив, што гледаме и не гледаме, живо и умрено; и откоа виде Господ - сполај му! - оти с# што напраи убао го напраи, му се посака да напраи и луѓе на земјава, да живеат и да го слават него. За с# што напраи Господ на веков, беше определил по еден ден да работи за едно, друг ден за друго, треќи ден за треќо, четврти ден и така натамо. Само еден ден определил и за луѓето да и напраит. Станал една утрина рано, засукал поли и ракаи, зел мотиката в раце, ископал земја, напрајл кал, та почнал да праи луѓе како грнчаро, што праи грниња. Со прво му праел нозете, после трупот, после раце, после глаа, коса, уши, уста нос и сите друзи алати му и редел; како некој саатчија, како што и реди чаркојте на саатот со голем мукает, така - сполај му нему! - и редел и алатите во чоекот со мукает голем, да не нешто некое од алатите клаит во чоекот накриво и да го грди чоекот после. Прај'л што прајл луѓе до ручек време, огладне - сполај му на Бога! - та беше седнал да ручат, да по ручекот после да и допраи сите колку што му требале. Си ручал Господ симит и млеко надробено и му се пулел на луѓето, што беше и напраил, како што беше и наредил пред него на редои, на редои, како некој табур со аскер што је нареден. Му се пулел и се смеел од што му било ќеф, дека беше и напраил лични, умни и разумни. - Оф, што убај луѓе сум ти напраил, си рекол со умот сам со себе, овије луѓе, прилегаат асли како мене, арно туку до ручеква колку што сум напраил, ако напраам уште толку до вечера, лоша ми је работата; мене ми требаат уште десет толку луѓе, отколку што сум напраил; на ова згора, мене ме пери да напраам еден кал'п и во кал'по да ’и турам, та така до вечера да си напраам луѓе, колку што ми требаат. Брго-брго се наручал, се прекрстил, станал од соврата, се измил раце и беше ти напраил еден кал'п, голема работа. Ти припраил уште што му требаше кал и зел да праи кусурот луѓе, колку што му требаше. Тури кал во кал'по, чинеше, стегни ја во кал'пот, и еве ти го чоек, ќе се истуреше од кал'пот, ха врти со чаркот Господ и турај се луѓе од кал'пот; ама оти некој ќе излезел со крива нога, али рака, али врат, али слеп, али ќелеш, али крастав, али пак фодул, али предател, али инетчија, и ако и глеал Господ оти со секакви кусури излегуале од кал'пот, немал време да и попраи; чунки брзаше много, за да и допраит до вечерта, колку што му беа определени луѓе. Ама ќе речиш ти, оти не определил Господ два дни и да и напраеше сите луѓе како првните арни, а не да и праи чаркои и да и тура во кал'пи, та да излегуат лоши, а не арни, како првните што и напраил Господ само со рака и излегоа арни. Колку за тоа можам да речам, така му сакаше ќефот, така напраи, чунќи царот, кога ќе речи некој збор, назад не си го земат, а не Господ да речи во еден ден да и напраи луѓето и после два дни да и праит. Тоа саде не бидуат: Госпо зборот назад не си го земит! Ете од тоа има на веков арни и лоши луѓе, чунќи арните Господ и напраил со рака, а лошите со чарк и вадел од кал'п како грнчарот што вади садои од чаркот. Земјата и рајот Вечната била еден длабок дол, што око чоечко не можело да го догледа и преку тој дол имало мос од влакно и секој чоек, што ќе умрел, ќе помоинел на влакното преку вечна и, ако е грешен чоекот, штом се качи на влакното и ќиниса по него да оди, ќе се скине и ќе падни чоекот внатре во вечна, а пак ако е праведен чоек, едно ќе се качи на влакното, за да врви и веднаш ќе му се стори еден широк мос и трчаница ќе си помини и во рај ќе си влези. Земјата стоела на две греди, а пак гредите стоеле на два вола. Кога ќе го затресел некој вол уото, ќе се затресела земјата. На волоите секоја година длаката му се менуала и се подноуала кожата и никоаш не умирале. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан