• вторник, 05 ноември 2024

Обичаи и верувања- 8 септември

Обичаи и верувања- 8 септември
8 септември 2020 Преданија и легенди за Свети Наум Охридски – Чудотворец Манастирот Свети Наум го изградил охридскиот цар Кон крајот на деветтиот и почетокот на десеттиот век во Охрид живеел некој цар. Царот имал само една ќерка, но била многу болна. Ветувал царот голема награда за оној што ќе ја излекува. Многу луѓе се обиделе, но никој не успеал да ја излекува. Најпосле се нафатил Свети Наум. Од ден на ден царската ќерка била се подобра и подобра и најпосле сосема оздравела. Тогаш царот го прашал Свети Наума (а тој не знаел дека е светец) што сака. Свети Наум побарал да му се изгради манастир на јужниот брег од Охридското Езеро на височинката крај изворите на Црн Дрим. Царот се согласил и за кусо време бил изграден манастирот Свети Наум. Црквата Свети Заум Свети Наум прво ја направил црквата во Свети Заум. Потоа го ставил прстот на ум и рекол: - За ум ја подигнав. Тоа го рекол зашто до неа никој не можел да се добере. Подоцна ја изградил црквата Свети Наум. Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови Св. Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна на езерото, Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од едниот до другиот рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Св. Наум уште вчера бил готов. Како е набавена камбаната Двајца муслимани болувале од неизлечлива болест По нечиј совет отишле во Свети Наум. Таму легнале на гробот од Свети Наум. По неколку дена и сосема оздравеле. Во знак на благодарност, двајцата муслимани на манастирот му подариле камбана. Свети Наум и Света Марена брат и сестра Кај нас во Тушемишта и пошироко, се вели дека Света Марена му била сестра на Свети Наум. Таа е позната по своите чудотворства. Црквата Света Марена се наоѓа во Л’нга, на планината Мокра. Кај неа се наоѓа убава пештера, во која има прекрасни сталактити и сталагмити. Камењата откај Света Марена се многу лековити. Нив луѓето ги чуваат во своите домови, ги носат со себе, а најмногу се познати за заштитување на малите деца од урокливи очи (од зарек). Се става каменот во вода и со таа вода се измива детето. Братот Свети Наум и сестрата Света Марена на спротивните планини изградиле свои храмови наспроти еден кон друг за постојано да се гледаат. (Правилното име на маченицата Марена е Марина. Таа е од Антиохија. По свирепото мачење на 15 или на 16 годишна возраст била обезглавена за Христа околу 270 година. Се слави на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија зашто била господарка на огнот и заштитничка на посевите од пожари и од поројни дождови.) На Јазма Свети Наум прво дошол кај изворот На Јазма, кај Тушемишта. Ја благословил водата. Затоа порано, до Втората светска војна, игуменот од манастирот Свети Наум пред празникот Свети Наум со котле земаше вода оттука за светење, во која таму се дотураше за потребите на посетителите со соодветен ритуал. Изворот На Јазма е култно место. До 1967 година кај него доаѓаа луѓето од поширокото подрачје (Тушемишта, Поградец, Старова и др.) за здравје, и тоа преку цела година, а особено на празникот. А и потоа доаѓаа ѓоа фаќаат риби или со друг изговор. И сега се оди кај овој чудотворен Свети Наумов извор На Јазма. (На Јазма се вика благословувањето од свештеникот со светена вода и босилек, т.е. света вода.) Плоча Во Загоричани, кај Поградец, едно место се вика Плоча поради следното. Свети Наум се враќал од некаде во својот манастир. Бил уморен. Кога дошол кај Загоричани, седнал да се одмори. Со ногата тупнал и тоа место од земја се претворило во камена плоча. По неа и местото го добило името. Плоча е култно, вакафско место посветено на Свети Наум. Таму се оди во неделен ден, а главната прослава е на 10 јуни. Често луѓето одат во Плоча да се помолат за нешто. Така, една саката жена отишла да се моли за здравје во Света Марена, па на Плоча и оттаму во Свети Наум оздравела. Како Турците го почитуваат Свети Наум Со својата почит кон Свети Наум Турците често ги засрамуваат и православните христијани. Всушност Свети Наум им помага и на Турците како и на христијаните, само кога му се обраќаат за помош со искрена верба и молитва. И сега има меѓу Турците живи сведоци коишто знаат за многу случаи на чудотворната моќ на светецот меѓу нив. Стојче Бачев, бочвар од Охрид, расправа како еднаш на манастирскиот панаѓур влегле и некои Турци по него во гробницата на Свети Наум. Бидејќи го познавале, го замолиле да им ги објасни ликовите на светиите во гробницата. Стојче им кажувал: овој е Свети Климент, овие се Светите Кирил и Методија, овој е тој, овој е тој. Турците внимателно и со молчење слушале. А кога Стојче им го покажал со прст ликот на Свети Наум и им рече: „Овој е Свети наум“, сите Турци ахнале и радосно извикале: „А, тој е нашиот татко“. Од книгата „Чудата на Свети Наум“ од д-р Стојан Ристески, второ (дополнето) издание, Охрид 2009 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан