• петок, 22 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
25 февруари 2020 (МИА) Свадбени обичаи од Мариово Благословување на свекорот Рубата ја растоварале од коњот и зетот ја оставал на рогозина.. До рубата стоеле зетот и невестата. Свекорот со леб на глава и филџан вино се вртел околуи младите. Со левата рака го држел лебот, со десната се крстел и благословувал: „Ајде да сте вековоти, да ви даде Господ среќа, годинава венчавање, до в година крштевање, да ви е за век страмот, дома и да се тепате, надвор да се милувате.“ Во постаро време вака благословувале сите законити луѓе: нункото, старосватот и деверите. Невестата и зетот им гувееле на свекорот, свекрвата, нункото, нунката, старосбватот, старосватицата и другите законити луѓе. Свекорот го дарувала со чорапи или крпа, свекрвата со фута. Невестата му гувеела и на коњот што ја носел рубата, го бакнувала и го дарувала. Потоа ги дарувала сите родители, девери, јатрви, золви. За време на дарувањето девојките и пееле: Девојко мори, вајстелска ќерко Девојко мори, вајстелска ќерко, Бог да го бие твој стари татко, до кај одеше се се валеше: - Имам си ќерка, умна разумна, умна разумна многу работна, кај шчо ќе појде, три блазе си му ќе му одене со кола руба со кола руба, кола дарови. - Девојко, мори вајстелска ќерко, шчо си правила божиќни пости, Божикни пости, големи ноќи, ноќе би прела, дење би ткала, да си исткаеш танки дарови, да си даруваш свекор, свекрва свекор, свекрвам девери јатрви, девери, јатрви, золви золвеник золви, золвеник, стрини, стричеви, стрини, стричеви, вујни. вујчеви крши јарми дарувај девери земај метли дарувај јатрви, земај трески дарувај стричеви, корни стреи дарувај стрини, крши јарми дарувај девери крши вурки дарувај вујни крши стомни дарувај золви, лови врапчиња, дарувај внучиња. Свекрвата запалувала две боринки. застанувала пред невестата и зетот и ги префрлувала преку нив, да не ги фаќале маѓии. Рубата во земникот ја внесувале машко и женско дете на кои им се живи родителите. Во Гуѓаково и Врпско си ја внесувал зетот. По внесувањето на рубата, зетот и невестата влегувале во земникот. Нункото седнувал на чело на трпезата. Тој давал благослов и се крстел: „Да ни се здрави и среќни младите. Годинава со венец на главата, в година со дете во рацете, да им даде Господ колку клинови во ѕидот, толку синови, колку желки во полето, толку ќерки“. Удирање на невестата од оџакот Вечерта во куќата кај зетот повторно се собирале свадбарите што биле канети. На тланикот од двете страни се поставале трпези. На машкиот тланик седеле мажите, на женскиот жените. Во пондилата младите играле. на трпезата имало пиење, јадење: сирење, варена царевка одозгора посолена со шеќер, а некаде и со сол, во зависност од економската моќ на сватот. Пред вечера, деверите и девојките, ја воделе невестата од земникот во тланикот, а гајдаџијата им свирел. На крајната врата, пред да влезел свекорот, на невестата и давал торба со леб. Во торбата бил жеголот со киската со којшто го замесувале тестото. Невестата торбата си ја наметнувала на рамо. Свекрвата на невестата и давала сало (свинска мест) со кое невестата ги мачкала черевчињата од вратата. Мачкањето со сало било со заштитна цел за да не им влегувале дома Турци. На влегување девојките ја пееле песната: Влези, влези тенка Тоде Влези, влези тенка Тоде не ти е татко, атер ќе сториш, татко ќе му речиш. Не ти е мајка, етер ќе сториш, мајко ќе и речиш. Не ти е брате, атер ќе сториш, брате ќе му речиш. Не ти е сестра, атер ќе сториш, сестро ќе и речиш. Да си даруваш мажова рода, мажова рода свекор и свекрва. На невестата откако ќе го пречекорела прагот, на земјата и ставале суровици дрва. Таа ги собирала една по една на рака. Девојките и пееле: Кроце води, мал девере, невестата Кроце води, мал девере, невестата на место е, мал девере, не учена, чевли и се, мал девере, нековани. Со дрвата невестата го палела огнот. По наредувањето на дрвата, три пати му гувеела на огништето. Потоа свекрвата ја чукнувала три пати од тланикот – оџакот. (Чукнивањето на невесатата од оџакот било забележано многу попрано и во Прилеп). Чукнувањето од тланикот го правеле – за да се врти невестата околу оџакот, да биде домаќинка. Свекрвата ја удирала невестата три пати со пиралка (копан) и и велела: „Дома да седиш, околу тланикот да се вртиш. Еве ти ги ноќвите леб да си месиш, еве ти ги црепните, леб да си печеш, еве ти го букарот – вода да си лееш.“ Така свекрвата и ги покажувала на невестата сите насобрани предмети со кои таа требало да се служи како домаќинка. Зетот и невестата пред вечера гувееле по трпезата. Прво му гувееле на свекорот потоа на нункото, старосватот и на крај на сводникот. Кога младите гувееле, до нив стоеле од една страна девојки, а од друга страна деверот, кои им ги крепеле венците. На зетот му ја пееле песната: Страмно оди, зете, страмно пули Страмно оди, зете, страмно пули, да си одиш на чесна трпеза, побарај си твојот мили татко, побарај си твојот чесен нунко, што ми те крсти, што ми те венча. поклони се до сурова земја, да му целуваш пола, ем рака. Во Гостиражни и пееле на невестата: Евла паѓа на бор се навала Евла паѓа на бор се навала: -Дерјди, боре, ихиии шчо ме глава боли. - Ќути евло, ихииии уста ти капнала, ќути евло, ихиии ушче не си влегла, ушче не си влагла, ихииинаши дворје, ушче не си влегла ихиии наша куќа. Кога му гувееле на сводникот, му ја пееле песната: Море стројник ќе те прата коњу Море стројник ќе те прата коњу, мошне надалеку, коњу, во село Јанино, ајлан дајлан, коњу, во село Јанино, кај попот Јована, кај ѓакот Стојана,. Море таму имало до три бре моми, ајлан, дајлан, коњу, до три бре моми, ако ти ја дадат постарата мома, ајлан-дајлан,коњу, постарата мома, скоро да си дојдеш, абер да донесиш, ајлан-дајлан коњу, абер да донесиш, кулата да руша, куќа да направа, ако ти ја дадат постредната мома, седи ем поседи, вино да попиеш, ајлан дајлан коњу, скоро да си дојдиш, скоро да си дојдиш, абер да донесиш, ајлан-дајлан коњу, абер да донесиш, куќата да руша, кула да направа, ако ти да дадат најмалата мома, ајлан-дајлан нкоњу, најмалата мома, седи, ем поседи ручек да му ручаш, ручек да му ручаш, вино да му пиеш, ајлан-дајлан коњу, вино да му пиеш скоро да си додеш абер да ми донесиш, куќа да разруша, сарај да направа, ајлан-дајлан, коњу, сарај да направа. По гувеењето на зетот и невестата продолжувале по трпезата да им бакнуваат рака на сите присутни, при што секој ги дарувал со пара. Нункото го најавувал времето за вечера. Гајдаџијата престанувал да свири. Деверот ја носел картата со вино и му ја подавал на свекорот. Свекорот се прекрстувал и давал благослов, а потоа каратата му ја подавал на нункото кој, исто така, се прекрстувал и благословувал. Картата со вино се предавала од еден на друг по целата трпеза. Невестата и зетот не седнувале на трпезата, ами цело време стоеле во аголот на тланикот. На невестата и пееле песна: Задремала младата невеста Задремала младата невеста ја догледа нунко од трпеза, - Ој невесто, моја кршченице, што те тебе дремка навалило, дал’е на арно, дал’ е на лошо? - Ејди нунче, море чесен нунче, арното ме нунче заминало, лошото ме, нунче престасало, кога не се првите стројници бог да бие мојот стари татко јас го сакав Илија војвода, он ме даде за дете Секула не ми е жал оти е малечко, тук’ ми е жал што е грдомасно, грдомасно, дури и несмасно, уста му е колку мала врата гради му се како стари даб раце му се церови корупки. - Ој невесто, моја кршченице ако е Секула грдомасен тоа има големо богатство тоа има куќа покуќнина, тоа има овци силно стадо, тоа има коње ергеле, тоа има говеда сурија. -Ејди нунче, море чесен нунче, пуста му била куќа покуќнина, шапот му ватил овци силно стадо, бутур му удрил ергеле коњи, волкот му јадел сурија говеда. Невестата вечерта ги дарувала свекорот и свекрвата со кошула. Прво му гувеела три пати на свекорот и му ја подавала кошулата. деверот за кошулата барал од свекорот да и таксал нешто на невестата. Тој и таксувал овца, коза или крава, а потоа ја дарувал со пара. (Во Гостиражни и околните села, наместо да и таксува овца, коза или крава, свекорот и давал франга.) Свекрвата за дарување седнувала на женскиот тланик, на столчето што го дупел зетот. Навестата и гувеела три пати, а од страна на насобраните жени, едни и турале вода под столот, други клавале под неа главица кромид. Деверот ја земал кошулата и и ја виткал на свекрвата околу гуша и ги тегнел двата краја како да ја дави, барајќи од неа да и такса нешто на невестата. Свекрвата се бранела и не сакала да и такса ништо на невестата, велејќи: „Што да и дада? Се што има се и даду, зар малце и е, и ја даду кацијата, а најважно и даду бикче.“ По настанатата смеа, таа и таксувала спротивно од она што и таксал свекорот. Во Гостиражни и околните села кога седнувала свекрвата да ја даруваат, во скутот и ставале тарун, а на тарунот леб. Девојките и пееле: Блазе тебе, ихии, јунакова мајко Блазе тебе, ихии, јунакова мајко, што доведе, ихии, од врата куќница, шчо доведе од врата куќница, в часом дојде, ихии, трпеза ти стави. в часом дојде, трпеза ти стави. Свекрвата исто како и свекорот на кошулата на невестата и давала франга. Деверот ја земал кошулата и ја тресел над огништето, а другите од страна турале сол во огнот. Солта пукала од огнот (како да паѓале вошки од кошулата) и сите се смееле на свекрвата – дека имала вошки. Во Гостирашни и околните села од тој крај вечерта пред вечера ги кревале најблиските роднини и законитите луѓе и еден по еден го носел на оган, небарем да ги ставаат да горат. Носачите барале носениот да и плати на невестата – зашто во спротивно ќе го изгореле. Невестата се обидувала да ги брани, но попусто. По плаќањето носачите го враќале назад на истото место од кое што го зеле. На свекорот му ја гореле капата, а на свекрвата шамијата. По овие адети почнувале со вечера. Јадењето било секогаш и секаде едноставно: манџа од варено месо со бонгур или зелка, грав и др. За сркање давале дрвени лажици. По завршување на вечерата, зетот и невестата повторно бакнувале рака, прво зетот, а потоа и невестата. Од книгата: „Македонски обреди и обредни песни“ од Милан Ристески, Скопје 1985. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан