• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
14 мај 2021 (МИА)  Свети пророк Еремија  Бегај, бегај поганијо ете ти го Еремија Нашиот народ Еремија го празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи. Иако и на други пролетни празници се изведуват обичаи за заштита од вакви штетници се чини дека тоа најповеќе се прави вечерта спроти Еремија. Во песните што се исполнуваат со овие обичаи Еремија е претставен како митски јунак. Тоа пак, од друга страна, значи дека иако во основата на овој празник е споменот на светиот пророк од Стариот завет - Еремија, обичаите и верувањата водат потекло од најдалечното минато на човекот. Светиот пророк Еремија живеел шест века пред Исус Христос. Роден е во малото село Анатот во близината на Ерусалим. Уште како дете го слушнал гласот на Бога кој му одредил да биде пророк. Еремија не сакал, се оправдувал со тоа што уште бил мал, но не можел да ја одбие Божјата заповед. Во „Книга на пророкот Еремија“ што е дел од Стариот завет на Светото писмо е запишано: „Јас пак одговорив: О, Господи, Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад. Но Господ ми рече: Не вели: Млад сум; - зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и се што ќе ти заповедам ќе кажеш. Не се плаши од нив зашто јас сум со тебе, за да те избавам, рече Господ. И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: Ете, Јас ги ставив моите зборови во устата твоја.“ Така од 15 година Еремија станал пророк. Многу од неговите претскажувања се оствариле уште додека бил жив. Поради тоа што претскажал многу несреќи за еврејскиот народ имал многу непријатности. Во времето кога живеел пророкот Еремија моралот на Евреите бил паднат на многу ниско ниво. Зело замав идолопоклонството, се појавиле многу лажни пророци кои погрешно го насочувале народот, а тој пак ним им верувал повеќе отколку на Еремија и другите вистински пророци. Гледајќи што се случува Еремија претскажал дека ако народот не се откаже од таквите пороци ќе го стигне божјата казна. На Евреите им претскажал 70 годишно ропство под Вавилон. И навистина вавилонскиот цар Навукодоносор набргу го нападнал Ерусалим, го разурнал и го покорил, а многу народ зел во ропство. Меѓу оние што го оплакувале разурнатиот Ерусалим бил и светиот пророк Еремија и така настанала „Книга плач Еремиин“. Светиот пророк Еремија претскажал дека кога ќе се роди Исус многу деца ќе настрадаат. Седумдесет години еврејскиот народ се наоѓал под вавилонско ропство, како божја казна за тоа што се огрешил кон Бога и кон неговите заповеди. Еремија бил протеран во градот Мисир, во Египет каде што останал 4 години. Најпосле бил каменуван од своите сонародници и така во овој град го завршил животот. Преданието раскажува дека Александар Македонски за време на својот поход ги пренесол неговите мошти во Александрија. Меѓу богатите обичаи поврзан со празници од Охрид Е. Спространов забележал и обичаи поврзани со овој ден. „Наспроти тој ден вечерта на стемнување ги падат змиите. На кацја ставаат оган, врз оганот посипуваат ќуќур и одат од дупка на дупка каде што претпоставуваат дека има змии, тропаат со машата врз кацјата, чадат и викаат: Бегај бегај гадуријо ето ти ја Еремија, ќе ти мотат черевата со железно мотојло. Откако ќе начадат добро, кацјата ја оставаат во некој агол да изгасне и рано утрото јаглените ги исфрлаат на буниште“. Интересно е што во некои песни свети Еремија се поврзува со свети Никола во други со свети Танасија. Така на пр. во Крушево се пеело: „Бегај, бегај поганија, / ето ти го Еремија, / со светаго Николаја“, а во Дебарско: „Бегај, бегај поганија,/ ете идет Еремија / со светаго Танасија, / врти, врти во тревата / измотај му черевата“. Во Разлошко Иримија ја сметале за мајка на змиите и овој ден ја повикувале да си ги поведе настрана од луѓето. Затоа пееле: „Иримие, иримосај си децата. Куга ја ф поле – тие в гора, куга ја ф гора, тија ф поле.“ Описи на вакви обичаи среќаваме и во зборникот на браќата Миладиновци. Во Струга, како што стоиу запишано во овој зборник, „на Св. Јеремија кршат стомна, шутарки и черепи“. В Прилеп пејет: „Бегај, бегај, гаду, со твојте гадишчица! Ето ти го Јеремија, ќе ти мотат черевата со железно мотоело.“ Во Кукуш, пак, според истиот извор „вечерта спроти Еремија клавает пред прагот на портата кросно и фортома, а од двете страни на кропсното горит по една лепешка; ќе поминват гојдата преку кросното, за да не ги укасат змија. Чукает со кации, низ дворот, по дупките и околу кашчата и вељат: „Бегајте змии оти идет Еремија“. Раното со коприви терает гојдата на пасење.“ Вакви обичаи од Галичник запишал и Панајот Гиновски кој, исто така, сведочи дека вечерта спроти празникот оделе во градините и чукајќи на саанче гласно викале: „Бегај бегај поганија, / ете ти го Еремија, / со светаго Танасија“. Но П. Гиноски сведочи дека и на самиот ден рано наутро, пред сонце, оделе на билје каде играле ора со песни. Очигледно е дека се работи за елементи од пролетното празнување познати во врска и со други пролетни празници. За берење билки и запотнување на куќите пишува и Кузман Шапкарев. Тој запишал дека освен споменатиот обичај со маша и кацја, со жар и куќур и споменатата песна за Еремија се берела и вратика и се запотнувала куќата. Шапкарев, исто така, сведочи дека на овој ден во некои места рано наутро излегувале надвор и на некоја зелена трева пиеле пресно млеко. И во Велес, според записите од 19 век, вечерта спроти овој празник се изведувале интересни обичаи. Во секоја куќа една мома или жена ја земала кацјата и машата и така чукајќи одела низ сите ќошиња од куќата и викала: „Бегајте змии и гуштери, каде иде Еремија.“ Најпосле доаѓала до портата и ја фрлала машата и кацјата низ порта на сокак. „Така се истерујат змиите и гушчерите и сите лошотии. По малку постовиење машата и кацјата си ја зимајат и си ја однесујат дома.“ Во некои куќи, пак, се изведувал овој обичај: една жена влечела кожа, а другата удирала со машата и кацјата викајќи: „Бегајте змии и гуштери, каде иде Еремија, сос краставо коњиште, сос рѓаво сабјиште, сос голо главиште.“ И во Гевгелиско како што забележал С. Тановиќ вечерта спроти празникот децата земале маша и кацја удирале со нив и вртеле околу куќата, притоа викајќи: „Бигајте змији, гуштере, жаби, жељки, оти Иримији идат сус климији, ки ва набодат и ки ва истепат.“ Во овој крај празникот Еремија повеќе го празнувале жените од мажите. Тие не работеле никаква работа, не шиеле, не крпеле, не сечеле итн.) особено не мереле должина зашто верувале дека на секој чекор ќе среќаваат змии. Исто така, внимавале да не им се влече нешто, опинок, врвка од чорапот и сл. зашто цела година по нив ќе се влечеле змиите. На празникот се внимавало да не се изнесува ништо од дома зашто се верувало дека може да се изнесе и касметот. Особено внимавале да не дадат некој земјоделски алат. Во Радовишко овој обичај го изведувале постари жени. Тие тропајќи со машата по кацјата и тенмеќијата викале: Бегајте змии, гушчери, иде Иримија, сус ќелаво ножишче, сус рѓаво сабјишче, ќе ве коле, ќе ве бесе, сус машата и кацјата, ќе ве изгоре. Особено овој празник го држат куќите што се занимаваат со земјоделска работа. Во Кумановско не се работело за да не им „скача гадурија пред очи“. Тропајќи со машата и кацјата овде се викало: „Еремија у поле, змија у море“. Се верува дека куќите околу кои е изведен овој обичај ќе бидат поштедени од овие штетници. Во Галичник околу Еремија се враќале печалбарите „солунци“ и се подготвувале за свадбите кои во овој крај се правеле на Петровден. На Еремија се изведувал обичајот „идење со грозје“. Тогаш свекрвата ја посетувала свршеницата и ѝ носела разни подароци како калемќари, свилени шамии, суво грозје, роговачки и леблебии. Свршеницата ја дарувала свекрвата со ризинче „чистој-бело“ и со чорапи. Во врска со галичките свадбени обичаи уште останало запишано дека од овој празник свршеницата останувала постојано во клед, никаде не излегувала до свадбата и за тоа време се велело дека свршеницата белее. Во овој период до свадбата таа заедно со роднини, другарки ги завршувала даровите и невестинската облека. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден се прават црепни. Нив ги прават само жените, кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат. Ако земјата се донесува претходниот ден ноќта се чува да не се случи некој да фрли сол од што црепните пукаат. Поради култот кон лебот, а и поради тоа што во црепните се месат разни обредни лебови кои се носат и во црквата како кравајчиња и сл. жените што прават црепни се облекуваат во чиста облека. Газењето на црепните, како што се вика овој чин се смета за тешка работа и е придружено со повеќе песни, како што е следнава песна од с. Прострање, Кичевско Ај сега почнуеме, црепни да газиме. Никого не пуштаме. покрај нас да помине, сол да не ни врли- црепни да ни испукаат. Кој пријател ќе помине ќе ни речи: ‒ Железни ви црепни! Кој душман ќе помине, ќе ни речи: ‒ Земјени ви црепни! Останало забележано од собирачите на овие обичаи и песни дека поради тоа што жените и девојките што газеле црепни ги засукувале фустаните над колена за да не се извалкаат од калта, чести минувачи биле машките. За да ги избркаат црепнарките им пееле песни со навредлива содржина. Така на пр. на момчињата им ја пееле песната: Што лудо по друм помина, враќајте да го вратиме, на црепни да го седниме, ужина да му дадиме, желкини јајца гајгана, од овца лута ракија, од крава вино црвено“. На Турците, пак, коишто често наминувале на местата каде што се правеле црепни црепнарките им пееле вакви песни: Пролетал орел карталес, поминал Турчин парталес, враќајте да го вратиме, ручек да му дадеме, желкини јајца пржени, желкино млеко квасено. Се верувало дека жените што на Еремија ќе прават црепни таа година не ги касале змиите. Според записите на Стефан Тановиќ од Гевгелиско црепни или подници се правеле од земја црвеница, која неколку дена се прскала со вода така што сама од себе се претворала во кал. Потоа се газела со нозе или се месела со железо или со стап, а потоа пак се оставала неколку дена покриена со вреќа и попрскана со вода. На денот кога се правеле црепните пак земјата добро се месела и црепните се правеле во некое место под сенка. По правењето на газерот (долниот дел од црепната) кој се правел како погача, се пристапувало кон правење на обрачот кој се викал крашник. Овој дел го правела некоја т.н. прасина жена, што значи жена што престанала да раѓа, инаку црепните ќе испукале. Црепните се сушеле во сенка, а кога црепната била готова на средината се правел крст, а на местото каде што се сечеле линиите, забодувале пердув од кокошка, а некои ставале уште и глава од лук за да не се случи некој да ги урочи црепните и тие да испукаат. Значи, како и во други случаи и овде лукот се користи за заштита од урок. Кога во црепната еднаш ќе испечеле леб, потоа ја чувале чиста како ношвите, а особено се сметало за голем грев некој да седи на црепна или таа да се стави на нечисто место. Во Дебарца (Охридско) црепни секогаш се правеле на Еремија. Ги правеле по две-три жени заедно. Притоа строго се внимавало црепни да не прави трудна жена зашто немало да траат. Од истите причини земјата за црепните не смеело да се носи со ждребна кобила. Ако пак се случело трудна жена да прави црепни првиот пат кога ќе печела леб во новите црепни требало да рече: „Црепните да не ми траат, детето да ми е живо“. Во врска со црепните се забележани и други верувања. Така на пр. секој минувач поздравувал со „Железни ви црепни“ зашто ако ги поздравел со друг поздрав црепните не ќе траеле, и бргу ќе се кршеле. Било обичај девојките што ќе се мажеле таа година да „не газат црепни“ што значи да не учествуваат во нивното правење. Затоа се вели во овие записи, тие што ги мрзело да работат се оправдувале дека наредната есен ќе се омажат што било подложено и на потсмев, а влегло и во народните умотворби. (Подготви Марко Китевски)      

Остани поврзан