• петок, 22 ноември 2024

Обврските на патот кон ЕУ и улогата на македонското Собрание во фокусот на средбата Маричиќ - Еркранс

Обврските на патот кон ЕУ и улогата на македонското Собрание во фокусот на средбата Маричиќ - Еркранс

Скопје, 30 март 2023 (МИА) – Претстојните обврски и задачи кои ги имаме на патот кон Европската Унија и улогата на македонското Собрание во динамиката на преговорите беа во фокусот на средбата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, со заменик претседавачката на Комитетот за ЕУ прашања во шведскиот Парламент, Матилда Еркранс и пратеникот Аднан Дибрани.

Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, во рамките на средбата која е дел од дводневната работна посета на Шведска, вицепремиерот истакнал дека напредокот ќе зависи од проактивноста и соработката на Собранието во исполнувањето на обврските и задачите кои ги имаме.

- Реформите и непреченото усвојување на европското законодавство ќе ја забрзаат евроинтеграцијата, а помошта и размената на искуства со пратениците во шведскиот Парламент ќе бидат олеснување на патот кон ЕУ, истакнал тој.

Оттаму пренесуваат дека соговорниците изразиле задоволство од заложбата и фокусот што го има Шведското претседавање со ЕУ на Западен Балкан, потенцирајќи ја важноста Северна Македонија да го искористи  моментот и наклонетоста која ја има од земјите членки за напредок во преговорите со ЕУ.

- Од страна на шведските пратеници беше потврдена одличната соработка која ја имаат парламентите на двете земји и дека можеме да сметаме на поддршката од шведскиот парламент за унапредување на парламентарните процедури, особено во време додека Шведска претседава со Советот на Европската Унија, стои во соопштението.

На средбата со пратеникот Аднан Дибрани, како што дополнуваат, фокус тема биле актуелните случувања во регионот и европската перспектива, особено за време на актуелното претседавање на Шведска со Советот на Европската Унија.

- Се зборуваше и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој беше поздравен од соговорниците, со верување дека ќе направи позитивна атмосфера за поинтензивна соработка и дијалог кои ќе придонесат полесно да ги надминат разликите и регионот заедно да продолжи да чекори кон ЕУ, велат оттаму, дополнувајќи дека во рамките на официјалната посета на Шведска, вицепремиерот Маричиќ ќе оствари билатерална средба и со министерката за европски прашања, Јесика Росвал. ар/лв/

Остани поврзан