• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителство бара укинување на првостепената пресуда за „Талир 2“ и предметот да се врати на повторно одлучување

Обвинителство бара укинување на првостепената пресуда за „Талир 2“ и предметот да се врати на повторно одлучување

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) – Случајот „Талир 2“, за кој првостепено беа осудени екс премиер во бегство Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски за изградбата на седиштето на политичката партија ВРМО-ДПМНЕ во Скопје, најверојатно ќе биде вратен од почеток.

Вишиот јавен обвинител вчера на јавна седница пред Апелациониот суд Скопје за случајот „Талир 2“ предложи првостепената пресуда да биде укината и предметот да се врати на повторно одлучување, како и да се земат предвид измените на Кривичниот законик.

Адвокатот на одбраната Еленко Миланов, по апелационата седница, во изјава за медиумите посочи дека апсолутна застареност со измените на КЗ настапила во јануари годинава, но и дека сега делото залоупотреба на службената положба и овластување го нема во измените.

-Јас мислам дека во конкретниот случај таква конфискација веќе не може да постои. Мислам дека не можеше никогаш да постои, но сега уште повеќе. Не знам оваа пресуда дали треба да се укине или едноставно примена на новиот КЗ да доведе до тоа да се констатира апсолутна застареност на гонење, изјави Миланов.

Пресудата за „Талир 2“ Кривичниот суд ја донесе лани во јуни според која Груевски и Божиновски ја искористиле службената положба и овластување и спротивно на законите за политичките партии и за финансирање, овозможиле склучување договор за градење помеѓу партијата и правното лице „АД Бетон“ и противправно прибавиле објект и имотна корист од преку 132 милиони денари. Според првостепената пресуда Груевски доби шест години затвор, Божиновски условна, а судот донесе и одлука за конфискација на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ. аа/са/

Фото/ МИА архива

 

Остани поврзан