• четврток, 19 декември 2024

Обвинетиот Велибор Манев го посочил местото на убиството на Панче Жежовски, сведочеше екс началник од Велес

Обвинетиот Велибор Манев го посочил местото на убиството на Панче Жежовски, сведочеше екс началник од Велес

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска сведочеше и поранешниот началник Ристе Самарџиев од Велес во врска со истрагата за исчезнувањето и убиството на Панче Жежовски.

На прашања од обвинителката Жаклина Лазаревска, тој одговори дека Жежовски го нашле на непристапно место до кое е тешко да се дојде, ако некој не посочи, а на нив, како што кажа, им посочил обвинетиот Велибор Манев.

Началникот сподели како течел процесот откако лицето било пријавено за исчезнато, при што посочи дека најпрво не се сомневале дека е исчезнат, бидејќи при изготвениот профил на личност, увиделе дека тој е човек кој често знаел да биде отсутен до дома повеќе денови, но, откако добиле информација од Скопје дека го пронашле неговото опожарено возило, почнале да се сомневаат.

- Велибор ни го кажа местото на настанот. Прво кажа дека тие се виновници за убиството на Вања, го кажа местото каде е убиена и закопана. После тоа го прашавме за Панче и ни кажа и за Панче, го земавме и нѐ однесе на местото на настанот. Тој го знаеше точното место каде што е закопан Панче, рече Самарџиев.

Според сведочењето на Самарџиев, Манев им кажал дека го убиле и закопале Панче заедно со сите четворица и дека пукал Љупчо Палевски.

Самарџиев рече дека по прибавената видео снимка од камерите од хотелот „Романтик“ се гледа дека се движат возилата „пежо“ и „рено кангу“ кон местото каде што живее Панче.

Прашан од адвокатот на Палевски дали била пронајдена чаурата и дали има сознанија за нејзиното вештачење, одговори дека такви вештачења нема во Велес, само во Скопје, а во однос на тоа дали е запознат со тоа дека на камерата од Романтик се три лица, а не четири како што стои во обвинението, одговори дека не е запознаен. 

Претходно денеска сведочеше и поранешниот помошник началник од Скопје, Музафер Каишиќ, кој зборуваше за текот на истрагата за пронаоѓањето на Вања. Во својот исказ тој денеска кажа дека до местото на настанот, каде што го пронашле телото на Вања, ги однел обвинетиот Влатко Кешишов.

На минатото рочиште,  во понеделникот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа. Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. ар/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан