• понеделник, 23 декември 2024

Нуредини: До почист воздух со затворање на термоелектраните и менување на начинот на греење во домовите

Нуредини: До почист воздух со затворање на термоелектраните и менување на начинот на греење во домовите
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) – Затворање на термоелектраните на јаглен најдоцна до 2030 година и поголеми вложувања во обновливи извори на енергија со цел подобрување на амбиенталниот воздух најави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тоа, според него, заедно со промена на начинот на греење во домовите ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните. -Уште откако станав министер за животна средина зборуваме за менување на начинот на греење и производство на енергија во нашата држава. Сите сме свесни дека 65 отсто од енергијата се произведува од јаглен во РЕК  Битола и ТЕЦ Осломеј. Затоа целата наша Стратегија за енергетика е да го менуваме тоа и да инвестираме во обновливи извори на енергија. Тоа значи дека ги поддржуваме не само нашите инвестиции како ЕСМ во соларни панели во Осломеј и во Битола, туку и да ги затвориме РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј најкасно до 2030 година, рече Нуредини на денешната средба со новинарите. Идеја ни е, посочи, да имаме повеќе обновливи извори на енергија и да вложуваме во соларни панели и ветерни електрани, а многу битно за државата и за независност во енергетиката е да се изгради и хидроелектраната Чебрен за да имаме стабилна мрежа.вј/лв/

Остани поврзан