• понеделник, 23 декември 2024

НУК: Првата одлука од новиот антикризен пакет „ладен туш“ за угостителите, ѝ даваме рок на Владата до 25 јануари

НУК: Првата одлука од новиот антикризен пакет „ладен туш“ за угостителите, ѝ даваме рок на Владата до 25 јануари
Скопје, 20 јануари 2021 (МИА) - Владата со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет им подари на „локомотивите“ - членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК). Според НУК, при крај е трпението на угостителите кои чекаат време и покана за работна средба со Владата, на која ѝ даваат рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија. Сите индустрии добија поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време, смета НУК и нагласува дека неискористени средства од четвртиотиот сет мерки за субвеција на плати има повеќе од 15-тина милиони евра кои може веднаш да се наменат за јануарска и февруарска субвенција за плати во угостителската индустрија. - Со вчерашните изјави на министерот Кресник Бектеши и вицепремиерот Фатмир Битиќи, како угостители доживеавме ладен туш среде зима, дознавајќи дека првата одлука од очекуваниот 5-ти сет мерки со кој треба да се помогне на најзагрозените индустрии всушност е новогодишен подарок и честитка за локомотивите на Стопанската комора на Македонија. Не можеме да се изначудиме што од една страна Владата изјавува дека со Буџетот за 2021 година се предвидени само 50-тина милиони евра сет мерки за помош и поддршка на компаниите за справување со пандемијата, а истовремено преку ноќ носи одлука со која доделува грант - неповратна помош во висина на проценета вредност од околу 162 милиона евра на локомотивите од индустрии кои и во изминатиот период искористија најголем дел од економските мерки за помош и поддршка, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски. Тој додава дека Владата е во целост одговорна за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на корона кризата. Угостителите немаат време за чекање и за да ги сочуваат сите работни места на Владата и даваат рок до 25 јануари да донесе итна одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто-плати од почетокот на месецов со траење додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки, односно протоколите за работа на угостителски објекти или до завршување на пандемијата, како и да ги реализира нивните останати барања. - Владата со одлуките од последната седница докажа и покажа дека ако сака, има и услови и можности и начини по кратки постапки да креира безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на индустриите погодени од КОВИД-19. Ѝ даваме рок до 25 јануари да ги оправда нашите очекувања, да ги усвои сите наши барања и да донесе одлуки со кои ќе креира посебни економски мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија, подвлекува Јосифовски. НУК, наведува тој, заедно со здруженијата КЛУБ ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, БИСЕР од Куманово, ЗУТ КРУШЕВО од Крушево, АНТИГОНЕА од Неготино и ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид, како и во името на сите останати угостители погодени од пандемијата, бара безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки, директна неповратна финансиска помош - грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани, безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основа на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс-периоди за надминување на проблемите со ликвидноста. Угостителите бараат и изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10 проценти на сите угостителски услуги во сите видови угостителски објекти, како и одлагање и репрограмирање извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија, односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс-период или наплата по завршување на корона-пандемијата. мч/ац/    

Остани поврзан