Ноќно планинарење со хуманитарна цел во Кавадаречко
- Педесетина планинари од различни возрасти реализираа ноќно планинарење со хуманитарна цел до кавадаречката месност „Катунишки камен“. МИА беше дел од овој несекојдневен настан. Пред нас, зад
Кавадарци, 27 август 2022 (МИА) - Педесетина планинари од различни возрасти реализираа ноќно планинарење со хуманитарна цел до кавадаречката месност „Катунишки камен“. МИА беше дел од овој несекојдневен настан. Пред нас, зад нас, тука некаде помеѓу, постојано чекореа со нас љубовта кон другите и љубовта кон природата.
Стартувавме приквечерина, од почетокот на патеката кон месноста Моклиште. Меѓу првите нешта што камерата посака да ги овековечи, беа златните зрна грозје, кои како гордо да позираа пред љубопитните очи. Дека во природа се ужива со сите сетила, по којзнае кој пат, ние планинарите, се уверивме кога вкусивме од прекрасните и миризливи капини покрај патот. По еден час одење, падна мрак. Секој од нас имаше избор. Да биде меѓу првите и прв да му се изнарадува на убавините на ноќното планинарење, да биде во средина и да ужива во ведрата планинарска атмосфера со превкусни тиквешки шеги или да биде на крајот и да се препушти на звуците на околниот жив свет и ноќта што доаѓа.
Обележаната планинарска патека од околу осум километри во двата правци, ја изодевме за околу три часа со попатни паузи за малку да се здивне, Се движевме главно по земјен шумски пат, но знаевме да фатиме и по козја патека. Нагоре потешко, угорничаво. Но, и надолу требаше да се внимава и да се кочи, како што коментираа планинарите, затоа што нозете, што се вели, самите одат, па постои ризик од излизгување.
Организатор на планинарењето беше кавадаречкото планинарско спортско друштво ,,Орле". Покрај членови од ова друштво, дел од настанот беа и планинари од ,,Фри хајкерс" од соседно Неготино.
- Станува збор за хуманитарна активност, на ,,Катунишки камен" имаше кутија за донации за доброволен прилог. Собраните средства се донација за семејство од Неготино, за лекување на нивниот син кој се повредил и се лекува во Грција. Со ова се приклучивме кон бројните хумани настани за поддршка на момчето, појасни Никола Минчоров, претседател на ,,Орле".
Бегајќи од чумата, муслимани и христијани го населиле Катуниште
Каква случајност, си мислев додека планинарев за време на ноќното искачување кон ,,Катунишки камен". Додека ние ја изведуваме оваа хумана мисија, во светот се уште не замрела пандемијата од коронавирус, своевидна чума на 21 век. Е токму една таква чума владеела и во минатото во светот, па и во Кавадаречко и Ваташко. За таа, некогашната чума, раскажа за МИА, историчарот Петре Камчевски.
- Чумата едноставно ги десеткувала животите на жителите од селата каде што ќе се појавела. Најстарата запаметена чума е таа од 1708 година, што сеела смрт на овие простори. Не ја одминала ниту Тиквешијата. За оваа чума од кое настрадало голем број од населението во Ваташа не останале многу податоци. Но, далеку поголеми последици оставила чумата во 1795-96 година, од која настрадало голем број од населението во целиот Тиквешки крај. Целото христијанско и муслиманско население од Ваташа избегало во Катуниште. Муслиманите таму изградиле свои куќи, а христијаните колиби. Кога интензитетот на чумата се намалил, тие се вратиле во своето село. За чумата што се јавила во овој крај, муслиманите од ова село ја испеале песната: ,,Ветер вее над селото, роса роси под селото, чума коси сред селото, разбега се цело село. Си остана сирак еден Шаин. Елај Донке да си видиш каде мреат девет чуми по мишката, а десета под гушата на грлото", пишува тој во неговата монографија за селото Ваташа.
Тој појаснува дека во текот на 17. век имало многу беговски семејства во Тиквешијата, биле многу влијателни, со големи сараи оградени со високи ѕидови и со сопствен водовод. Најбогатите од нив во сараите имале изградено посебно машки и посебно женски дворови.
Катуниште низ историјата се споменува во и за време на Втората светска војна, кога групата борци од велешкиот одред пристигнала над Моклишкиот манастир, во месноста Катуниште. Тоа било на почеток на ноември 1942 година.
- Од многу одамна сум слушал за Катуниште. Меѓу народот се зборуваше дека таму во пештера бил сокриен цел арсенал на оружје. Целиот работен век го поминав во Музеј галерија Кавадарци и пред петнаесетина години бевме на увид кај ,,Катунишки камен". Навистина го видовме поголемиот камен масив, но пештера не успеавме да најдеме. Оттогаш сум бил десетина пати, а на мој пријател тоа му е омилена дестинација за рекреација, откри Камчевски за МИА.
Што повеќе одење по планинарски патеки, за што помалку трчање по аптеки
Доктор Петре Пењушков е ваташанец и е познат како човек кој се грижи за богатата ваташка традиција. Во изјава за МИА, тој откри што му раскажувале уште од најмали нозе за овој крај.
- Сум слушал дека месноста Катуниште заедно со Катунишки камен датира од многу одамна и го добила името по „катун“, бидејќи било тоа влашка номадска населба. Имало во тој дел во минатото многу стока за одгледување. Постоеле колиби и мандри, во коишто сирењето подолго стоело отколку во ниските делови од областа. Станува збор за постојно место, дедо ми раскажуваше кога бев мал дека таму на тој рид, тревата подолго останувала зелена и повеќе време можела да се користи за испаша, се сети тој.
Докторот кој има 45 години и самиот се сеќава дека до пред неколку години на Катуниште се слушаа звуците од стадата добиток.
- Не е случајно што таму се напасуваа стада. Еве сега кога ме прашавте, ме потсетивте дека, кога, како деца одевме таму, кај местото викано „Дабнишки порти“, имаше чешма и подолу, дрвени корита, во нив се ставаше храна и сол за крмење на животните, евоцираше тој спомени.
Спроти „Катунишки камен“, на спротивниот рид, од другата страна на реката Луда Мара, се наоѓа Балвански камен. Пењушков слушал дека уште од дамнина, тоа било култно духовно место. Луѓето имале таму одредени обреди, жртвувале одредени животни како култ кон одредени богови во кои се верувало. Меѓу двата камења, долу покрај реката, е викенд населбата, некогаш село, Моклиште.
Прекрасно беше да се биде дел од едно вакво планинарско доживување кое ќе се памети и прераскажува. Во услови на летни горештини и временска портокалова фаза, вистински погодок беше одлуката да се пешачи ноќе и тоа во област во којашто и природно е неколку степени Целзиусови пониска температурата и е пријатно да се престојува.
Посебна магија и мистерија крие каменото царство горе на Катуниште. Планинарите се шегуваат дека како танга изгледа градот Кавадарци од далечина. А таму горе, којзнае по кој пат ја повторија изреката, „што повеќе одење по планинарски патеки, за што помалку трчање по аптеки“. И сосема за крај, ѕвезденото небо ни даде посебна возбуда. Ми се чини како да видов една ѕвезда како паѓа. Замислив желба.
Светлана Дарудова