• среда, 20 ноември 2024

Ножот на Тутанкамон бил изработен од вонземско железо

Ножот на Тутанкамон бил изработен од вонземско железо
Каиро, 25 февруари 2022 (МИА) - Тутанкамон како владетел загинал на неполни 20 години и е попознат по предметите најдени во неговиот гроб отколку по неговото владеење. Благодарение на современата технологија, т.е. нов неинвазивен метод, научници египтолози открија дека неговата позната железна кама со златна рачка всушност била направена од вонземски материјал, односно метеорит, а со помош на релативно ретка техника на ковање. Историските податоци велат дека Тутанкамон бил и последниот владетел на египетската 18-та династија, а неговата гробница била пронајдена пред околу еден век. Таа содржи над 5.000 артефакти коишто до денес се проучуваат и анализираат за да се утврди нивното потекло и да се открие како тие завршиле кај него. Покрај златната маска, престолот и другите предмети, железните артефакти се реткост. Но, археолозите веруваат дека во тоа време токму железото било симбол на висок статус во општеството. Од досегашните достапни податоци, знаеме дека топењето железо не било многу вообичаено во регионот, а позачестената работа со железо почнала околу 1.200 п.н.е. - еден век по Тутанкамон. При спектроскопијата со флуоресцентни рендген-зраци, било откриено големо присуство никел во железото. И додека трагите од никел во земјиното железо не надминуваат четири отсто, уделот на никел од 11 отсто во камата укажува на вонземско потекло на материјалот, т.е. веројатно се работи за метеорит. Научниците веруваат дека камата била кована на релативно ниска температура од 950 Целзиусови степени. Исто така, откриено е дека камата претходно му припаѓала на дедото на Тутанкамон - Аменхотеп Трети, кој го добил како свадбен подарок од кралевите на државата Митани. Скапоцените камења на камата биле прицврстени со малтер од вар користен во Митани, бидејќи Египќаните користеле малтер од гипс.  си/паг/

Остани поврзан