• петок, 22 ноември 2024

Нов метод за снимање на системот за варење со далечинско управување

Нов метод за снимање на системот за варење со далечинско управување

Остин, 9 јуни 2023 (МИА) - Минијатурната капсула „Навикам“ („NaviCam“) може да направи револуција во дијагнозата на проблеми со дигестивниот тракт.

Ендоскопите со капсули што се голтаат, а притоа овозможуваат и видеоснимки, постојат веќе подолго време, но тие се строго ограничени и не може да бидат управуани од лекарите, бидејќи во движењето целосно се потпираат на гравитацијата и перисталтиката. Сепак, се чини, научниците го надминаа ова ограничување, со новата капсула во облик на таблета со „далечинско“ управување.

- Досегашната ендоскопија е инвазивна процедура за пациентите, но и скапа - поради потребата од анестезија, но и отсуството од работа. Капсулите со магнетна контрола може да се користат како брз и лесен начин за откривање здравствени проблеми во горниот дел на гастроинтестиналниот тракт, како што се чиреви или рак на желудникот, појасни проф. Ендрју Мелцер.

Оваа технологија им овозможува на лекарите буквално самите да ја движат минијатурната видеокапсула „Навикам“ низ системот за варење, со цел визуелизација и снимање на можните проблематични области. Ова претставува веројатна замена за сегашната ендоскопија. За поместување на капсулата се користи надворешен магнет, како и далечински уреди, донекаде „слични на оние за видеоигри“, како што се наведува.

Овој метод е сè уште е во фаза на тестирање, но досегашните резултати се позитивни. Стручњаците од компанијата за медицинска технологија „А-ен-екс роботика“ (AnX Robotica) од Плејно, Тексас, САД, спроведоа испитувања што опфатиле 40 луѓе и посочуваат дека лекарите може прецизно да управуваат со капсулата на сите главни делови на системот за варење со успех на визуелизацијата од 95 отсто.

Камерата може да открие крвавење, воспаленија, лезии и може автоматски да пренесува видео и фотографии за натамошен преглед. Користењето на капсулата, се вели, не е опасно по здравјето, иако технологијата не дозволува биопсија бидејќи се распаѓа во телото.

Научниците нагласуваат дека програмата за тест е сè уште во рана фаза и дека „поголемото тестирање на пациенти“ следи допрва.  си/сд/

Фото:  „А-ен-екс роботика“.

Остани поврзан