• вторник, 13 јануари 2026

Новогодишна едукативна кампања во Делчево: „Пораки за безбедно учество во сообраќајот“

Новогодишна едукативна кампања во Делчево: „Пораки за безбедно учество во сообраќајот“

Делчево, 24 декември 2025 (МИА) - Во Општина Делчево се спроведе едукативна новогодишна активност „Пораки за безбедно учество во сообраќајот“, како прв дел од кампањата „Празниците се најубави кога сите сме безбедни“. Настанот беше наменет за учениците и опфати околу 150 деца од двете основни училишта во градот.

Учениците од основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“ добија пораки за безбедност во сообраќајот како што се: „Погледни лево – погледни десно“, „Премини внимателно и по најкраток пат“ и „Биди видлив учесник во сообраќајот“. Преку одговарање на прашања за сообраќајната безбедност, децата добија специјални новогодишни пакетчиња со светлечки подарок, донација од станицата за технички преглед „Автовозач – фер“.

Активноста, како што информираа од Општина Делчево, се одржа во рамки на новогодишната програма „Новогодишна приказна Делчево 2025–2026“ и има за цел да ги поттикне најмладите на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот, особено во периодот на празниците кога се очекува зголемен сообраќај.

Кампањата е организирана од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево (ОСБСП), во соработка со сообраќајната полиција и станицата за технички преглед „Автовозач – фер“. Од ОСБСП Делчево апелираат до сите учесници во сообраќајот на зголемена внимателност, со пораката: „Празниците се најубави кога сите сме безбедни“.

Според податоците за 2024 година, во 4 проценти од сообраќајните незгоди учествувале деца на возраст од 0 до 14 години, додека во 7 проценти учествувале млади од 15 до 24 години, што вкупно изнесува 11 проценти од сите евидентирани учесници во сообраќајни незгоди. Дополнително, 18 проценти од повредените лица се од овие старосни категории.

Од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево апелираат до сите учесници во сообраќајот на зголемена внимателност, со пораката дека „празниците се најубави кога сите сме безбедни“. вс/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан