• сабота, 06 декември 2025

Нови стратегии на КФСМ за периодот 2025 - 2029

Нови стратегии на КФСМ за периодот 2025 - 2029

Скопје, 4.јули 2025 (МИА) - Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ), врз основа на заклучоците од состаноците со екипите од сениорските лиги и анализата со која беа опфатени и младинските лиги, како и на финансиските и административните обврски на клубовите од минатите натпреварувачки сезони, ја објавува новата стратегија за стабилен и квалитетен натпреварувачки систем во периодот 2025 - 2029 година.

Во анализата беа активно вклучени канцелариите за сениорските лиги и младинските лиги, архивата и администрацијата (во делот на долговите на клубовите кон федерацијата).

 

Целта на оваа стратегија е да се обезбеди: системски развој, јасни насоки за напредок и фер и дисциплинирано натпреварување.

Во младинска конкуренција кај мажите во новата сезона (2025/26) ќе функционираат: М12, М14, М16, М18, како и М20 - реактивирана како развојна лига, мост кон сениорската конкуренција. Целта е да се обезбеди квалитетна подготовка на младите играчи пред влез во сениорска кошарка. Во младинска конкуренција кај жените во сезоната 2025/26 ќе функционираат: М12, М14, М16, М18 лиги.

Во сениорските лиги предвидени се и промени. Во сезоната 2025/26 остануваат 12 екипи во највисокиот ранг на натпреварување (сега СУПЕР Лига), а следната сезона е предвидено намалување на 10 екипи. Право на настап имаат: 4 (четири) странски играчи (максимум 3 истовремено на терен во регуларниот дел, а без ограничување во плеј - оф).

Во ПРВАТА ЛИГА (досегашна Втора лига) ќе играат 12 екипи според пласманот од 2024/25 година и екипи од Трета лига со посебна покана (доколку го исполнат лиценцниот систем). Право на настап ќе има и еден странски играч.

Ќе биде формирана и Аматерска лига (порано Трета лига) и ќе функционира како посебна сенироска лига, одвоена од М20. 

Во женска конкуренција во Прва лига нема промена и во новата сезона, па и во следната бројот на екипи е 8. Право на настап имаат: 3 странски играчи (максимум 2 истовремено на терен во регуларниот дел, а без ограничување во плеј - оф).

Во втората лига бројот на екипи е 5 според пласманот од сезоната 2024/25, како и секоја новопријавена екипа.

Сите екипи должни се да достават писмена пријава за учество за сезоната 2025/26, а пријавувањето е во период од 7 до 11.јули 2025 година.

По овој рок започнува втората фаза, во која секоја екипа ќе треба: да ги пријави играчите, тренерите и домашните сали, како и да ги подмири сите претходни долгувања кон федерацијата.

За екипите кои ќе имаат уредност и финансиска дисциплина, кои ќе достават комплетна документација; ќе ги исполнат критериумите; ќе ги подмират обврските навреме; ќе бидат промовирани како активни, со лиценца и медиумска видливост. За сите останати екипи ќе биде дадена временска рамка да ги дозавршат своите обврски.

Новите правила важат еднакво за сите - без фаворизирање, без исклучоци, без компромиси. Само екипите што ќе ги исполнат сите критериуми, ќе добијат дозвола за настап.

Во заклучокот на соопштението се наведува - РЕФОРМАТА НЕ Е ЗАКАНА, ТУКУ ШАНСА.    мн/

Фото: Македонска кошаркарска федерација

 

 

 

Остани поврзан