• понеделник, 23 декември 2024

Нови преводи на пораката на Горан Стефановски која лани беше преведена на јазиците на ЕУ

Нови преводи на пораката на Горан Стефановски која лани беше преведена на јазиците на ЕУ

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет.“ Оваа порака на Горан Стефановски, која минатата година беше преведена на сите јазици на Европската Унија, ќе биде преведена на уште неколку други јазици, меѓу кои и на виетнамски, корејски, турски, руски и српски.

Пораката на Стефановски минатата година беше преведена на јазиците на ЕУ по повод 70 години од неговото раѓање, со проект на Делегацијата на ЕУ во Скопје и во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

-Преводите на тестаменталната порака на истакнатиот македонски драмски автор и есеист ќе бидат објавени деновиве и во видеоформат. Веќе се очекуваат и уште неколку други преводи...Должни сме македонските културни достоинства да ги вреднуваме и афирмирме постојано, а не само тогаш кога се случуваат одредени јубилеи кои се значајни за македонската култура. Затоа и не запревме со активностите кои ги остваривме во чест на Стефановски во 2022. – годината кога се навршија 70 години од неговото раѓање, туку продолжуваме и понатаму, како впрочем и со афирмацијата и вреднувањето на творештвото на сите македонски автори чиешто творештво и се изучува во рамките на наставата на странски универзитети, соопшти МСМЈЛК при УКИМ. 

Петнаесет од преводите, како што наведува, биле подготвени од учесници на школите на Семинарот, Меѓународната научна конференција и на работилниците, и со нив  симболично, во пресрет на новогодишните и божиќните празници, беше украсено и Горановото Дебар Маало. Овие преводи беа промовирани и во видеоформат.

-Сега, со преводите кои ќе ги објави МСМЈЛК при УКИМ, оваа порака на Стефановски ќе биде достапна и на јазици кои се говорат надвор од ЕУ, вклучително и на јазици кои се говорат воопшто надвор од Европа.    Преводите ќе се објавуваат на страницата на МСМЈЛК при УКИМ на социјалнта мрежа Фејсбук (https://www.facebook.com/msmjlk), при што пораката на Стефановски ќе биде претставена со прочит на преведувачите од странство – студенти по македонистика на странските универзитети и соработници на МСМЈЛК при УКИМ. Денес, веќе е и објавен првиот превод на пораката – од македонски на виетнамски јазик, соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. 

Во чест на Стефановски минатата година беше и Втората зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, а посебно внимание на неговото творештво беше посветено и на 55. Летна школа, со одделно предавање и во рамките на лекторската настава по литература. На творештвото на Стефановски му беа посветени и есии на минатогодишната, 49. Меѓународна научна конференција, која беше и прв научен собир посветен на Горан Стефановски по неговото физичко заминување во 2018 година.

МСМЈЛК при УКИМ информира и дека годинава ќе објави преводи на дел од текстовите на Стефановски од книгата „Конзервирани импресии“, а ќе биде објавен и зборник со научноистражувачки трудови кои се однесуваат на неговото творештво и претставуваат негови нови исчитувања произлезени од минатогодишната Меѓународна научна конференција. хс/са/         

 

 

 

 

Остани поврзан