• понеделник, 23 декември 2024

Нови играчки за сите детски градинки во Карпош

Нови играчки за сите детски градинки во Карпош

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) - Годинава, Општина Карпош обезбеди 300.000 денари за набавка на комплети на играчки и дидактички материјали, кои ќе бидат распоредени низ сите 13 објекти на детските градинки кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа. По тој повод денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски во рамки на детската градинка „Пролет“ во населбата Козле, им ги врачи новите комплети, наменети за најмалите карпошани, информираат од Општина Карпош.

Од Општината појаснуваат дека веќе 12 години во континуитет, Одделението за детска, здравствена и социјална заштита од Општина Карпош ја спроведува акцијата за обновување и унапредување на фондот на играчки и дидактички материјали, наменет за дечињата кои се згрижени во предучилишните установи во Карпош. Досега, локалната самоуправа од Карпош за оваа намена издвојуваше околу 100.000 денари од општинскиот буџет, со кои парични средства се набавуваа еколошки играчки и дидактички материјали за четирите главни објекти на детските градинки.

- При извршување на моите општествени функции, најдрага ми е соработката со најмладите, во конкретниов случај со децата од предучилишна возраст, односно со градинките од општина Карпош. За нив осмисливме проект уште во 2012 година, за донирање на одреден број на нови играчки, со тоа што секоја година го зголемуваме и надополнуваме бројот на нови играчки. Драго ми е што нашите градинки се наоѓаат во добра состојба, дека децата се згрижени на најсоодветен начин. Особено ме радува фактот што ниту едно дете нѐ чека да биде запишано во градинката, што значи дека сме обезбедиле соодветни услови за упис и престој за секое детенце. Неодамна се информирав дека во целата држава околу 4.000 деца чекаат за упис во градинка, што е недозволено, истакна Јакимовски при посетата на градинката во Козле.

Инаку, според стратешките насоки на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита од Општина Карпош, целта е да се повлечат од употреба старите нефункционални играчки и истите да бидат заменети со нови еколошки дидактички материјали. На овој начин треба да се постигне поквалитетен воспитно – образовен пристап, кој ќе влијае на подобрување на психо – физичкиот развој на децата. Имено, со оваа интеракција се очекува, најмалите карпошани преку поголема социјализација да стекнат работни навики и чувство за развивање на одговорно однесување. сст/са/

Фото: Општина Карпош

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан