• сабота, 23 ноември 2024

„Нови автори“ и „Докуникулци“ вечер на програмата на „МакеДокс“

„Нови автори“ и „Докуникулци“ вечер на програмата на „МакеДокс“

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Во рамките на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ вечер ќе бидат прикажани филмови од програмата „Нови автори“. Во Куршумли ан ќе биде прикажан краткиот филм „Како болно жолта“ на косовската авторка Норика Сефа, а во истиот блок е и долгометражниот документарен филм „Холивудгејт“ на режисерот Ибрахим Наша’ат. Сценаристи на „Холивудгејт“се Ибрахим Наш’ат, Талал Дерки и Шане Борис, а монтажата е на Атанас Георгиев и Марион Тур.

-Кога САД се повлекоа од својата 20-годишна „бесконечна војна“ во Авганистан, Талибанците одново презедоа контрола над опустошената земја и веднаш најдоа американска база полна со оружје – само дел од повеќе од 7 милијарди американски долари во наоружување, кои сѐ уште се во земјата. Режисерот Ибрахим Наш’ат поминува една година во Авганистан, следејќи ги Талибанците додека тие ги присвојуваат тајните резерви на оружје што Американците ги оставиле и се преобразуваат од една фундаменталистичка паравоена група во тешко оружен воен режим, велат од „МакеДокс“ за филмот „Холивудгејт“.

Како што е најавено, подоцна од 23 часот во Куршумли ан на програмата е филмот „Кој ќе затропа на мојата врата“ (Србија, Босна и Херцеговина / 2024 / 84 мин.) на Маја Новаковиќ.

-Во срцето на Босна и Херцеговина, Емин, кој е на залезот од својот живот, макотрпно работи со својот верен коњ. Среде големи студови и сурови услови, бара утеха и топлина во прегратката на природата и наоѓа краткотраен спокој во споделувањето на своето бреме со својот единствен пријател. Приказна за човекот и тагата како универзално човечко искуство, кое може да нè осамува, но и да нè поврзува, се вели во соопштението од Фестивалот.

На Плато пред Музеј на Македонија, вечер на програмата се краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог.

Филмското платно во Сули ан, исто така, ќе биде исполнето со новите гласови во документарниот жанр. Во терминот од 20.30 часот е долгометражниот филм „Амор“ (Италија, Литванија / 2023 / 101 минута) на Вирџинија Елеутери Серпиери. На еден надреален начин, режисерката Серпиери ја преобмислува смртта на својата мајка, која зачекорува во водите на реката Тибар и е проголтана од амбисот.

Три кратки документарни филмови, кои се реализирани во рамки на школата за документарен филм „Докуникулци“ на „МакеДокс“, ќе бидат прикажани во Сули ан во терминот од 22.30 часот. На програмата се филмовите „Хелоу Алекс“ на Александра Петровска, „Винил вртлог“ на Марко Иван Кочишки и „Уживајте во кањонот“ на Калин Маџовски.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ - Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ - Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.бт/ев/

Фото: „МакеДокс“

Остани поврзан