• петок, 22 ноември 2024

Нова 3-Д реконструкција на „Титаник“

Нова 3-Д реконструкција на „Титаник“

Лос Анџелес, 17 мај 2023 (МИА) - Благодарение на првото дигитално скенирање на бродот „Титаник“, неговите остатоци сега се прикажани на сосем нов, досега невиден начин, објави Би-би-си.

Станува збор за најпознатиот брод на светот, кој повеќе од еден век лежи во Атлантскиот Океан, на длабочина од 3.800 метри. Дигитално скенираниот модел на „Титаник“ е создаден со мапирање на длабокото море и претставува уникатен 3-Д поглед на целото пловило - изгледа како Атлантикот да е пресушен. Ова ја поттикнува надежта да се открие повеќе за тоа - што всушност се случило со бродот што потона во 1912 година?

 

- Сè уште има суштински (неодговорени) прашања за бродот коишто треба да се расветлат. Овој модел е еден од првите големи чекори кон истражување засновано на докази, а не претпоставки, вели аналитичарот Паркс Стивенсон.

Титаник е нашироко проучуван откако неговите остатоци беа откриени во 1985 година, но тој е толку огромен што камерите во темните длабочини можат да покажат само делови од бродот што се распаѓа, а не од целото пловило.

Новите снимки целосно го покриваат бродот поделен на два дела.

Бродот беше скениран летото 2022 година од „Магелан Лтд.“, компанија за мапирање на длабочините на морето, како и од „Атлантик“ продукција којашто сними документарен филм за целиот проект. Водачот на експедицијата Герхард Зајферт рече дека „Магелан“ го завршил најголемиот проект за скенирање под вода досега.

- Длабочината од речиси 4.000 метри каде што се наоѓа бродот е голем предизвик поради струите, а и не смеевме да допреме ништо за да не го оштетиме потонатиот брод. Предизвикувачки е и тоа што секој квадратен сантиметар мора да биде мапиран, дури и незанимливи делови, како кал во отпадот, но и тоа е неопходно за целокупната слика, изјави Зајферт.

Скенирањето го покажува обемот на бродот, како и многу ситници и подробности. Клунот (предниот дел) што сега е покриен со 'рѓа, на пр., сè уште е препознатлив, а горе е палубата за чамци каде што отворена дупка гледа кон празнината каде што некогаш се наоѓале големите скали. Крмата, пак, (задниот дел од бродот) е еден хаотичен куп метал, бидејќи овој дел се урнисал додека „џиновското“ пловило потонувало кон океанското дно.

При несреќата од почетокот на 20. век, загинаа повеќе од 1.500 луѓе. Бродот удрил во леден брег на своето прво патување, кога тргнал од Саутемптон, Англија и требало да стигне до Њујорк, САД.  си/

Фото: Би-би-си.

Остани поврзан